На министерскиот состанок на Комитетот на министри на Советот на Европа во Кишињев, 36 држави ја одобрија одлуката за воспоставување на управувачката структура на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина. Со тоа, процесот за меѓународно гонење на највисокото руско политичко и воено раководство влегува во практична фаза.
Трибуналот ќе биде сместен во Хаг и ќе има мандат да ги гони високите политички и воени лидери одговорни за планирањето, започнувањето и водењето војна на агресија против Украина. Советот на Европа објаснува дека овој механизам треба да ја пополни правната празнина што постои во меѓународниот систем, бидејќи Меѓународниот кривичен суд може да постапува за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, но во овој случај не може целосно да го процесира самото злосторство агресија.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига, во своето обраќање, го нарече денот историски и го спореди новиот механизам со Нирнбершкиот трибунал.
„Денес е историски ден. Создаваме историја. Како Нирнбершкиот трибунал пред 80 години, овој Специјален трибунал во Хаг ќе ја врати правдата врз урнатините на војната“, рече министерот Сибига.
Тој со иронија се осврна на амбицијата на рускиот диктатор и воен злосторник, Владимир Путин, да биде историска личност.
„Путин отсекогаш сакал да влезе во историјата. И овој Трибунал ќе му помогне во тоа. Ќе влезе во историјата. Како криминалец. И не само тој. Путин, Шојгу, Герасимов, Бортников, Золотов, Медведев, Патрушев, Лукашенко и други. Денес, сите тие добија билет за Хаг“, рече украинскиот шеф на дипломатијата.
Според него, бројот на земји учеснички ќе се зголемува, седиштето ќе биде во Хаг, ќе се формира прв комитет и ќе има пресуди.
„На Украина ѝ е потребен овој Трибунал. На Европа ѝ е потребен. И дури и на Русија ѝ е потребен овој Трибунал. Одговорноста никогаш нема да стане предмет на компромис. Правдата е неразделен елемент на трајниот мир“, рече министерот Сибига.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, на X ја пренесе пораката на украинскиот министер Сибига, нагласувајќи го делот од изјавата во кој се вели дека ќе има повеќе земји, седиште во Хаг, прв комитет и пресуди, како и дека Трибуналот ѝ е потребен на Украина, на Европа, па дури и на Русија. Во објавата е истакната и пораката дека одговорноста никогаш нема да биде предмет на компромис и дека правдата е неразделен дел од трајниот мир.
На 15 мај во Кишињев 36 држави и 🇪🇺 го усвоија Проширениот делумен договор за Специјалниот трибунал за кривичното дело агресија против 🇺🇦. Ова е точка од која нема враќање: трибуналот стана реалност. Воспоставувањето траен мир и правда е невозможно без казнување на агресорот-рф pic.twitter.com/BLjsmsg7nB
— Larysa Dir (@dir_larysa) May 15, 2026
Според извештаите, резолуцијата ја поддржале 36 држави, главно европски, а процесот е дополнително зајакнат со поддршката од Европската Унија. ЕУ претходно официјално го извести Советот на Европа за намерата да се приклучи кон проширениот делумен договор за Управувачкиот комитет на Специјалниот трибунал, а украинската дипломатија ја поздрави оваа одлука како принципиелен чекор во поддршка на меѓународното право и правдата.
Специјалниот трибунал ќе биде дел од поширок систем за одговорност за руската агресија. Тој ќе се надоврзе на Регистарот на штети, кој ги собира барањата на жртвите на руската агресија, како и на идната Меѓународна комисија за надомест на штета, која треба да ги разгледува тие барања.
Советот на Европа нагласува дека Трибуналот ќе биде меѓународен, независен и легитимен механизам, воспоставен во соработка со Украина и со поддршка од земјите што ќе го финансираат и управуваат преку проширениот делумен договор. Целта е да се утврди лична кривична одговорност за одлуката да се започне војна на агресија – злосторство што го погодува не само украинскиот народ, туку и целиот меѓународен правен поредок.
Иако остануваат правни и политички пречки, особено кога станува збор за имунитетот на актуелни шефови на држави, премиери и министри за надворешни работи, Советот на Европа наведува дека истрагите, собирањето докази и подготовката на обвиненијата може да продолжат. Трибуналот ќе биде подготвен да постапува кога ќе се создадат услови за тоа.
Иако Северна Македонија претходно ја поддржа иницијативата за Специјален трибунал, засега нема јавно достапна потврда дека земјата е меѓу 36-те држави што се приклучија кон најновиот механизам во рамките на Советот на Европа за воспоставување и управување со Трибуналот.
Џ. Дерала










































