Џабир Дерала
Наслов на оригиналот: SVI SMO ZASRALI SVE, Novi Magazin br. 5 (2 јуни 2011)
Објавено во Слободен печат под наслов „Сите испоганивме сѐ“ (2 јули 2026)
Во последно време сѐ почесто ме канат да зборувам за мултикултурализмот. Граѓански организации, универзитети, работилници… Ме поканија така пред некој ден да ме прашаат дали сакам да одржам говор за Балканот како пример за европскиот мултикултурализам. Станува збор за младинска организација која особено ја ценам и веднаш се согласив. Сакав да вметнам и минути за разликите во разбирањето на овој поим, за конзервирањето и посебностите кои рамноправно коегзистираат во едно праведно општество, но и за мултикултурализмот во кој основните вредности се почитувањето на човековите права и слободи, правото на различност, спојувањето и претопувањето на традициите, напредокот, глобалните културни движења… На крајот би додал дека во нашето општество треба многу работи да се поправат.
Таа ноќ (повторно) не спиев, па имав време да размислувам на темата, да направам нешто помеѓу предавање и пропагирање во корист на мултикултурализмот. Не ми успеа баш. Така е и оваа студена ноќ во Скопје. Балканска мултикултура… Од каде да почнам?
Со сателитско скенирање, темпорални линии, од жабја перспектива? Како и да е, го гледаме Балканот како една шарена разгледница, онаа од седумдесеттите, малку кич, малку досада. Ух, тоа би бил поглед од вселенска станица во соседниот ѕвезден систем…
Со векови наназад Балканот е голема кланица. Освојувачите настрана, барем еднаш! Зашто, најголемите колежи и погроми локалните орди (народи?) си ги направија едни на други. Гнасната и луда политика ги водеше измачените жители од една воена беда во друга, од едно предавство во друго. И во наше време апсолутистичките владетели и оние кои ги имитираа – а ги немаше малку, напротив – ги втурнаа екс-југовиќите во незамислив колеж со стотици илјади жртви.
Како можеше да се случи тоа кога половина век живеевме во систем во кој братството и единството беа строга наредба? Можеби токму затоа што беше наредба, а не негувана вредност, а сигурно и затоа што дискриминацијата беше системска и систематска, а национализмот во суштината на сѐ што се случуваше на површината.
На лудаците кои потоа стапија на троновите на власта и на нивните милионски следбеници не им беше тешко таквиот систем да го дивертираат во масовен и суров хаос, ткаејќи уште една крвава покривка на намачените балкански бедници. А приказните, како што гледам, не се завршени. И нѐ држат во окови, не дозволувајќи ни да создадеме индивидуални и креативни светови на слобода и љубов.
Мултикултурализам на Балканот? Дали зборуваме за ѕидовите на молчењето кренати високо? Сомничаво гледање на сѐ што не е во рамките на вредностите на нашата стрина која била учителка на село… Всушност, она што е најблиску до имиџот на мултикултурата се паралелните етнички светови кои се развија во многу тесни граници. А тоа не е тоа.
Патувам низ Македонија многу често поради работата. Едно од моите најчести прашања е каков е соживотот на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Муслиманите, Ромите во селата во некоја долина? А такви ридови и долини, градови и села, има напретек. Не еднаш сум добил одговор дека е добро и дека сите ги почитуваат сите и дека конфликтот од 2001 година го оставиле зад себе.
Босански лонец, слушнав еднаш. Аха, тој стар, шеговит опис за мултикултурата. Тогаш ми текна на приказната од Мостар која ми ја раскажа еден поранешен пушкомитралезец покрај густите чадови од марихуана: „Ќе ставевме сѐ што е метално во едно големо тенџере, ќе ставевме експлозив, ќе го запалевме фитилот и ќе го стркалавме тоа кон ‘нив’, па да видиш ти како босански лонец врие. Немавме муниција, ама се снаоѓавме“. Босански лонец, врие и експлодира.
Властите ги поделија училиштата во Македонија во етнички смени, а сега градат и посебни згради каде што македонските и албанските деца ќе учат и физички одвоени. Помалите заедници добиваат училници или полека ќе се претопуваат, барем така изгледа. Предрасудите лесно се претвораат во солидна градба за омраза и насилство. А тоа го има колку сакате. Наградно прашање – плаќам пијачка на првиот читател со точен одговор – кој тоа најдобро го искористува? Значи, создаваме капитал за омраза која ќе пука далеку во иднината.
Сите засравме сѐ. До крајни граници. Вредностите длабоко потонаа во пот што тече во деколтеата на цицлестите пејачки, различноста е клетва, а гетото е кралство. Оваа опасна транзиција која партиските лидери и ПР дизајнерите ја нарекуваат преродба – не носи ништо освен бескрајна мачнина со вкус на крв и палеж. Тажен сум поради зборовите што штотуку ги напишав.
ОБЈАВЕНО 15 ГОДИНИ ПОДОЦНА ВО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ | 2 ЈУЛИ 2026
Со векови Балканот е голема кланица. Освојувачите настрана, барем еднаш! Зашто, најголемите колежи и погроми локалните орди си ги направија едни на други. Гнасната и луда политика ги водеше измачените жители од една воена беда во друга, од едно предавство во друго. Како можеше да се случи тоа кога половина век живеевме во систем во кој братството и единството беа строга наредба? Можеби токму затоа што беше наредба, а не негувана вредност.














