Велин Стојановски
Деновиве политичките партии преку своите лидери но и истакнати партиски членови се испокараа со прифаќање или неприфаќање на наменски предложените измени на изборниот законик. Во суштина главната борба на власта е методот на гласањето на дијаспората, опозицијата пак бара една изборна единица и поголемо парче од финансискиот колач.
Секако дека бараните измени се неопходни, но анализите покажуваат дека само тие измени не се доволна за целосно подобрување на изборниот законик и не преставуваат суштинска реформа на изборниот законик. Впрочем, досега по барање на една или друга политичка гарнитура направени се повеќе од триесет измени и дополнувања на истиот. Сите тие измени не водеа кон подобрување туку беа наменски за остварување на целите на одредена политичка партија. Токму такви наменски измени се предлагаат и сега.
Пред нешто повеќе од пет години во Цивил медиа пишував дека кон измените на изборниот законик треба да се пристапи посериозно и мултидимензионално, односно да се направи генерален ремонт на изборниот законик, за што се потребни одредени измени на Уставот, Законот за политички партии и самиот Закон за избори.
Прво, треба да се направи измена на изборниот модел, односно наместо со шест изборни единици да имаме само една изборна единица. Ова прашање повеќепати е елаборирано, само да потсетам дека основниот бенефит ќе биде што ќе нема изгубени гласови и секој глас подеднакво ќе биде вреднуван. Со сегашниот модел ако во една изборна единица хипотетички излезат 90 отсто од гласачите и сите гласачки ливчиња се важечки, а во друга излезат 45 отсто од гласачите, иако на хартија и двете изборни единици имаат приближно ист број на гласачи избраниот претставник во првиот случај ќе треба да освои двојно повеќе гласови од избраниот во другата изборна единица.
Второ, главно сите аналитичари и дел од политичките партии се согласуваат околу потребата да се преброиме, навистина колку гласачи сме во државата.
Трето, суштинска промена треба да се направи во бројот на пратеници од сегашните со Уставот утврдени од 120 до 140 да се намали реално на 70 до 90 пратеника. Со што Собранието ќе биде многу поефикасно и поекономично.
Четврто, законот за политички партии да наложи политичките парти да се ребрендираат, односно од нивните имиња да се исфрли етничката определеност на партијата. Зарем е грев припадник на еден етникум во државата да гласа за навистина вреден кандидат само затоа што партијата која го предложила иако има убава економска програма ама се декларирала дека е застапник на одредена етничка заедница, а не на сите граѓани во државата.
Петто, да се пребројат политичките партии. Мала држава сме со релативно мал број на гласачи, а многу политички партии. Ако ги погледнеме партиите кои влегле во предизборна коалиција и тие што настапиле самостојно во државава имаме повеќе од 50 политички партии. Многу од тие партии се формираат од група незадоволници на одредена политичка партија што не добиле функции после одредени избори и по извесно време, пак се сателити на таа политичка партија, само сега имаат услови да уценуваат и барат одредени привилегии за себе. За да се утврди реалниот број на партии потребно е еден изборен циклус да се спроведе без предизборно коалицирање, а партиите кои немаат доволно гласови треба да се избришат од евиденцијата.
Шесто, лицата кои се на листата за што се бираат треба да си ја извршуваат должноста за која се избрани за време на целиот мандат. Во праксата досега имавме нелогичности, носител на листата за законодавната власт веднаш по изборите се откажува од мандатот и наместо да ја оправда довербата на граѓаните, заминува во извршната власт. Исто така, одредени избрани лица, иако се избрани со мандат од четири години, се одрекуваат од таа функција и повторно барат доверба од истите избирачи за друга функција, иако од тоа што го ветиле на претходните избори реално немале време да реализираат нешто позначајно.
Седмо, партиите кои нема да учествуваат на одредени избори односно ги бојкотираат, да се смета дека тие практично престанале со работа, односно не постојат. Со закон да се предвиди дека тие партии ако сакат да учествуват на некои наредни избори треба одново да се регистрираат.
Осмо, со закон да се регулира имотот на партиите. Постоечките закони овозможија да имаме богати политички партии, а сиромашен народ (гласачи). Не знам од каде на политичките партии средства за купување и одржување на огромни објекти во секој град и партиски простории и во одредени поголеми месни заедници. Со закон треба да се ограничат политичките партии да можат да имаат сопствен имот само каде што е седиштето на паријата или адресата на која е регистрирана, а сите останати објекти во градовите и месните заедници да ги отстапат на локалната самоуправа.
За своите активности општинските партиски штабови ќе ги користат просториите на локалната самоуправа, без или со надомест, салите во домовите за култура и салите за состаноци на хотелите. Така, дел од богатството на партиите ќе се троши кај граѓаните.
Со оваа мерка практично ќе започне деполитизацијата на општеството, односно членовите на партиите нема деноноќно да бидат во штабот на партијата и со тоа да си ја купат својата диплома за вработување во администрацијата. Втората мерка за целосна департизација на државата е да се намалат платите на јавната администрација со што работните места во производството ќе постанат поатрактивни од тие во администрацијата.
Деветто, со закон треба да се забрани одржување на предизборни митинзи на сообраќајници. Во пракса, за одржување на одреден митинг на простор кој вклучува и одредена улица ден пред митингот и на денот на митингот истата е затворена за сообраќај и се ограничува слободата на движење.
Политичарите треба да сфатат дека нема потреба за покажување на мускули со големи митинзи по градовите. За да ги придобијат гласачите треба да остварат непосреден контакт и средбите во спортски и други сали за состаноци ќе имаат далеку подобар ефект во презентирање на изборните програми со што сигурно ќе придобијат многу повеќе гласачи. Во историјата треба да останат големите митинзи кога од целата држава се водат гласачи од еден во друг град за да се покаже силата на партијата.
Десетто, во законот е предвиден предизборен молк, кој се почитува само во делот на медиумската покриеност на предизборните активности, а активистите на политичките партии преминуваат во таканаречена „длабока кампања“. Активностите во „длабоката кампања“ се насочени кон користење на сите средства со цел „купување“ на што повеќе гласови.
Затоа, во Изборниот законик треба да се предвиди или укинување на предизборниот молк или да се одредат високи казни за партиските активисти и самите политички партии инволвирани во „длабоката кампања“.
Би завршил со неопходните измени во одредбите со кои е регулирано гласањето на дијаспората. Нешто што деновиве власта го постави како врвен приоритет. Согласно анализите во еден изборен процес за обезбедување услови за гласање на дијаспората се трошат околу 800 илјади евра, а на изборите излегуваат многу мал број на гласачи. На последните парламентарни избори ниту еден кандидат не успее да го надмине законски одредениот изборен праг.
Затоа треба да се одобри електронско гласање со што ќе нема потреба изборните комисии да патуваат на избирачките места и второ сите во дијаспората ќе можат да гласат. Вака гласаат само тие што се во непосредна близина на избирачките места.
За да биде праведно електронското гласање на дијаспората најважно е да се регулира кој ја сочинува дијаспората со право на глас. Оправдано се прашувам дали е дијаспора со право на глас цело семејство кое зело пасоши од една соседна држава со место на живеење на автобуска постројка (со право на гласање во таа држава), живеат и работи во држава од западна Европа и имаат право на глас и во таа држава? Во Македонија доаѓаат наменски на два три дена во текот на годината и не би се сложил дека треба да гласаат.
Со строги критериуми треба да се дефинира кој ја претставува дијаспората со право на глас, а се друго е прашање на техниката.
Секако право на електронско гласање треба да имаат и гласачите во Македонија кои ќе го одберат овој метод на гласање. Замислете доаѓате на гласачкото место застанувате пред електронски апарат кој го скенира кодот (испратен од изборната комисија) од вашиот паметен телефон ви се отвара гласачко ливче кликнете на опцијата која би ја заокружиле на гласачкото ливче и си одите дома. Со самиот клик вашиот глас е веќе пребројан. Да незборам за гласање од дома да некажам од кревет.
Исто така, сметам дека дијаспората треба да учествува на парламентарните избори. Претседателот нема скоро никакви ингеренции врзани со дијаспората и не знам зошто тие треба да учествуваат на изборите.
Што поскоро се направи генералниот ремонт ќе имаме подобри и пофер избори. Како што велат, какви закони такви избори.
М-р Велин Стојановски е полковник во пензија, експерт за национална безбедносна стратегија, и еден од основачите на Центар за антитероризам и мир „Гардиан“ – Куманово
Текстот е личен став на авторот. | Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Дозволено преземање со атрибуција и линк | Creative Commons 4.0
Овој текст е надградба на анализите на авторот во текстот „Генерален ремонт на Изборниот законик“, објавен на ЦИВИЛ МЕДИА на 12 мај 2021 година.
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА.













