Смртта на Младиќ како Прокрустова постела за балканските политичари
И во мигот на смртта осудениот генерал успеа да ги врати злите духови од пред две децении. Балканот го изгуби ретушот на наводното помирување а многу политичари мораа да ја повторат задушената страст за газење на основните меѓународни норми кога е во прашање пресметката со геноцидот
Делува малку иронично ама смртта на Ратко Младиќ во Хашкиот затвор за само 24 часа успеа да ги натера многу балкански политичари да си ги „откријат нозете“ и да покажат на дека злосторствата што тој човек ги правеше во војните во поранешна Југославија не им значат толку многу и дека (барем) во нивната потсвест тој можеби е и херој кој доживеал да умре на погрешно место.
Реакцијата на оваа вест од 27 август како дел од означувањето на истата како старт на национален траурен ритуал секако ќе предизвика нови критики кон официјален Белград во и онака неповолната меѓународна позиција на српската политика кон Западот, вклучувајќи ги и САД со најновиот „act of Serbia“. Но потреси има очекувано и во Бања Лука, но и во македонскиот политички ареал, бидејќи ние сме дел од сферата на силно и би рекле стабилно влијание на Александар Вучиќ и неговата екипа.
ПРОРОШТВО ОД ДЕЛОВНИОТ ВОЗ ЗА СКОПЈЕ
Ликот на Младиќ е еден епизоден дел од моето минато. Еднаш нешто напишав за тој случај, илустрирајќи го написот на познатиот сараевски писател Абдулах Сидран што го прочитав а кој го опишуваше своето изненадување како еден негов сосед од хрватска националност, од пристоен граѓанин се претворил во вистински монструм во војните во БиХ, како водач на многу казнени експедиции во српски и бошњачки населби низ Хереговина.
Ја повторувам во најкуса верзија од мојата сторија на темата – како го сретнав Ратко Младиќ.
Во еден воз кој во февруари 1976 година тргна од Белград кон Скопје во купето во кое бев влегоа тројца офицери. Се претпостави дека посетуваат повеќе години настава во некое воено училиште и секој петок си одат дома, во Скопје а во недела попладне се враќаат на дошколување. Еден од тројката малку се поигруваше со сознанието дека студирам право, а тоа го објаснуваше така што со овој избор на индекс „никогаш нема да станам генерал“! Мене тоа не ми ни била цел, ама лицето кое многу подоцна ќе откријам дека е Младиќ, го пресече својот колега со тврдењето дека ниту еден од тогаш постојните генерали не е надвор од биографијата со наслов „бил учесник во НОБ“. Ова сознание тој го надоврза со мислата дека „генерал се станува само во борба“.
На оваа реченица се сетив на крајот на април 1981 година кога овој офицер, кој секако дотогаш положил многу испити на оние курсеви во Белград, ја предводеше колоната на тенкови која во рекорден рок, наводно за само два часа, стигна до Приштина и ги растера демонстрантите кои веќе два месеци ја држеа блокирана тогашната Покраина со барањето „Косово – Република“. Барањето за таа интервенција ја даде тогашниот врвен функционер во Приштина, Махмут Бакали, а името на Младиќ го спомена во својот извештај за „НИН“ тогашниот известувач од настанот. Детали од тие настани можат да се прочитаат во текстот „Четириесет години од демонстрациите во Приштина, распадот на Југославија започна во студентска менза“, но архивата на НИН од тоа време е недостапна во моментов.
ТРИ НОВИ ЧИНОВИ ЗА САМО ЕДНА ГОДИНА
Патот кон генералската функција која Младиќ ја доби од функционерите на непреизнаената власт (во меѓународната комуникација) на Пале, заврши една деценија потоа, но започна во околности кои секако беа вонредни, напнати и не би можеле да се опишат како мирнодопски. Но она што секако им се допадна на високите армиски кругови беше фактот што барем за момент тенковите на Младиќ смирија ситуација од која највеќе се плашеа албанските политички кадри, но тоа беше прва сериозна криза после смртта на Јосип Броз Тито кога се насетуваше можен распад на федерацијата.
Од неговата биографија се гледа дека тој навистина имал метеорска кариера во тогашна ЈНА. Стартувајќи од најнизок чин тој само во 1970 година три пати добивал повисок чин, што е секако фрапантно – од поручник стигнал до капетан прва класа. За просечен офицер тоа е само сон. Напросто и исклучок во вообичаениот тајминг за напредувањето во ЈНА.
Во мигот кога сум го сретнал тој офицер во возот тој посетувал Воено-штапска академија и ја завршил во 1978 година и добил чин мајор. Потоа е преместен во Куманово каде станал командант на пешадиски баталјон. Но тој напредувал понатаму и тоа експресно – неколку месеци пред настанот кога тој ја предводи тенковската единица кон Приштина, тој веќе бил потполковник. Значи одел напред и само напред, иако формално имал наставничка ролја во штабот на Третата армиска област, позната и како скопска. Служел и во Штип, што значи дека целата дотогашна кариера му е врзана за овој регион.
За неговиот напредок со чиновите дознав потоа во екот на братоубиствената војна во БиХ, кога една екипа од македонски новинари пристигна на Пале. Од нивните извештаи дознав дека Младиќ бил пријателски настроен кон посетителите, потсетувајќи се на службата во Скопје, а акцентирал – се сеќавам барем на тоа – дека на македонските свадби најмалку еден сплет песни и ора се врзани за Србија, што за него беше доказ дека народот тука негува пријателски чувства со народот што тој сега, во изолирана етничка основа, го претставува. Ниту малку не се сомневаше во тој миг дека ние, како и да е, ќе останеме врзани за поранешниот центар на федерацијата, денес да го наречеме „српски круг со креда“.
Следното сретнување со овој лик беше во филмот на Јасмина Жбаниќ „Кво вадис Аида“ (2020) кој беше номиниран за Оскар и доби дузина врвни филмски награди (видете сцени од промотивниот клип на Јутуб) а кој како предтекст за сценариото користи и документарни сцени од репортажи објавени на РТС! Тука ништо нема измислено од авторите и реализаторите на филмот во описот на однесувањето на ликот на Младиќ кој влегува во Сребреница.
Гледав еден приказ на телевизијата N1 во која гостуваа режисерката и толкувачот на ликот на Младиќ каде се прави паралела меѓу ТВ репортажа од екипа која го следи генералот кога тој влегува во Сребреница и она што го дава играниот филм како нешто налик на верна копија. Нема ама баш ништо измислено, додадено или карикирано. И така, оди во една сцена тој „генерал“ по главната улица онака наполеонски и ги прашува најблиските офицери – зошто нема ниту една куќа што е српска.
Му велат дека дури на крајот на улицата, која е навистина долга, живее само стара една стара, осамена Србинка.
„Па за кого се бориме ние“, си вели Младиќ во брадата, како за себе.
Посебно е интересен моментот кога од некаде ќе припука некое оружје. Како се фрли во тој миг генералот во еден шанец во близината на борната кола која го следеше цело време. Е, тоа не се учи на воената академија – тука тој не се покажува како големиот херој. За миг се претвора во исплашено „обично човече“ кое се тресе над својата судбина.
ПОСЛЕ ГЕНОЦИДОТ ВО СРЕБРЕНИЦА
На 24 јули 1995 година, Ратко Младиќ беше обвинет за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на војување пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. На 8 ноември 1996 година, со декрет на претседателката на Република Српска, Билјана Плавшиќ, беше разрешен од функцијата командант на Главниот штаб на ВРС. Инаку, таа и самата беше осудена од истиот суд, а лежеше во затвор по сопствен избор.
Професионалната воена служба на Младиќ формално заврши на 28 февруари 2002 година (!), врз основа на декретот донесен на 7 март истата година. Тој ја добиваше својата пензија до ноември 2005 година (!), кога му беше суспендирана исплатата. Неговиот имот беше замрзнат по стапувањето во сила на Законот за замрзнување на имотот на хашките бегалци, усвоен од Парламентот на Србија и Црна Гора на 7 април 2006 година. Дали ова не говори за намерната спорост на српските власти во соочувањето со крвавото минато на Младиќ?
Со пресудата се утврди дека Младиќ учествувал во четири заеднички злосторнички потфати: трајно отстранување на Бошњаците и Хрватите од територијата на Босна и Херцеговина што ја бара раководството на босанските Срби, тероризирање на цивилното население во Сараево со гранатирање и снајперски оган, елиминација на Бошњаците во Сребреница и земање членови на Обединетите нации како заложници со цел да се спречат воздушните напади на НАТО. Тој беше осуден за геноцид, прогон, истребување, убиство, депортација, присилно преместување, тероризам, незаконски напади врз цивили и земање заложници.
Колку беше за многумина легендарно неговото однесување како офицер, толку беше претворено во легенда криењето од лицето на правдата. Младиќ избегнувал апсење речиси 16 години! Колку само статии беа напишани во весниците на тема – каде е бегалецот Младиќ? Виден е во Романија, во Хан Пјесак, Белград, Бања Врујца, во близина на Ваљево, Панчево, Златибор, Цер, Повлен итн. Различни касарни и воени објекти, како и манастири во Овчарско-Кабларската клисура, биле споменувани како можни места за криење. Во меѓувреме, многу локации се идентификувани како потенцијални места за сокривање, а трагата на Младиќ официјално била изгубена кон крајот на 2005 година. Експертските анализи водат до заклучок дека Младиќ се криел во урбаните средини на Србија со двајца придружници и дека се движел брзо.
Факт е дека таа предолга потрага имаше одраз врз ставот на Западот кон Белград! На 3 мај 2006 година, Европската комисија ги прекина преговорите за стабилизација и асоцијација со (тогашна) СЦГ поради неуспехот да се уапси Младиќ и да се екстрадира во Хашкиот трибунал. Кон средината на јули, Владата на Република Србија го усвои Акцискиот план за соработка со Хашкиот трибунал, што подразбира координирана акција од сите надлежни органи за апсење на Младиќ.
ПРОТЕСТ НА ТОГАШНАТА ОПОЗИЦИЈА, А СЕГАШНА ВЛАСТ ВО БЕЛГРАД
Но, по апсењето многу политички организации и видни поединци јавно ја изразија својата поддршка за Младиќ. За време на преименувањето на булеварот АВНОЈ во булевар Зоран Ѓинѓиќ, членовите на екстремно десничарското младинско движење „1389“ поставија постери со натпис „Булевар Ратка Младиќа“. На една фотографија е и актуелниот српски претседател како ја бакнува таблата со името на Младиќ!
Самата таа фотографија јасно отсликува во каква каша во актуелниот момент се наоѓа претседателот на Србија. Од една страна сака да се покаже како лојален кон постоењето и пресудите на Меѓународниот суд за воени злосторства а од друга тешко се огрешува кон сопствената интима – фотографијата каде тој учествува во драматизирано постаување на „нов булевар“ на местото резервирано за името на убиениот Зоран Ѓинѓиќ кажува сè.
Впрочeм, една од точките на обвинението беа злосторите направени во опсадата на Сараево, а знаеме дека италијанското обвинителство отвори процес против учесниците во т.н. „сафари“ каде учесниците пукале во мирни граѓани во опколениот град. (Прочитајте и: „САРАЕВО САФАРИ: Мрачната туристичка индустрија на викенд-убијци на цивили во опсадениот град“, ЦИВИЛ МЕДИА, 6 февруари 2026.)
Името на Вучиќ беше споменато како дел од организацијата на таа форма на прибирање на пари во воениот буџет на Пале, а српскиот претседател призна дека само бил – преведувач! Истрагата и судењата во Милано сè уште траат, за што веќе пишуваше ЦИВИЛ.
Па и од формална страна гледано, Белград во првите изјави истакна дека Младиќ е осуден од Суд што Србија го респектира (впрочем има многу документи кои се издадени од официјалните органи), ама потоа, за ден-два дојде соопштение дека на Младиќ му се готви државен погреб со сите почести!
Каков етички карусел! Впрочем, за време на гостувањето на Вучиќ во Ужице во саботата, на 29 август, каде не беше пријателски дочекан (а испрати таму 200 автобуси како „народна поддршка“) неговите тепачки настроени преторијанци имаа униформи на чиј грб стоеше портретот на Младиќ.
Очекуваме ли дека некогаш на Балканот ќе има помирување, па дури и смирување на страстите ако постои дволичен однос кон темните, застрашувачки настани од последната деценија на минатиот век?
Тука секако има и актери од многу други етички средини кои дале придонес во таа „кланица“, но дволичноста кон ликот на починатиот Младиќ е еден додатен степен за новата осуда која пред сè западните земји секако ќе ѝ ја покажат на Србија во многу кус рок. И тоа секако ќе се случи во многу брзо време.
ЗАМАТЕНА ПОЛИТИЧКА АТМОСФЕРА ВО БИХ И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Но смртта на Младиќ и дилемата дали ќе има официјален погреб (во меѓувреме одлуката е донесена, а се чека само терминот) ги разбудија духовите од минатото во регионот. Тоа значи дека ги пуштија од ланец и претходните поделби кои постоеја, а за кои се очекуваше дека со време ќе избледат пред новите предизвици на европските интеграции.
Фактот што двајца клучни кошаркари на репрезентацијата на БиХ не се придружија на другите од тимот кој отпатува на мечот со Литванија, се должи на порака добиена од Милорад Додик тие да се самоисклучат и истите не влегле во авионот за Балтикот. Оваа екипа претходно ја победи надмоќната Италија што предизвика делириум во Сараево, ама вообичаено немтурот од Бања Лука не сака заедништво што би се искажало на било каков начин во таа земја. Лут заради очекуваните и оправдани реакции на бошњачките политичари во БиХ по повод смртта на Младиќ, тој практично придонесе оваа репрезентација потоа да го изгуби мечот со Литванија, битен во квалификациите за Светското првенство во кошарка што ќе се одржи 2027 година!
Ние секако не сме загрозени со односот на Србија кон ликот и делото на генералот од хашкиот затвор, барем не во кошарката. Но дојде до луња во односите во владината коалиција, одново би рекле – со очекување. Како дел од т.н. „српски свет“, на што секојдневно нè потсетуваат од таборот на единствена српска партија во земјава, инаку коалиционен партнер на владејачкиот ВМРО-ДПМНЕ.
Уште во петокот (28.08) на Фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија беше објавен текст во кој позитивно се зборува за Ратко Младиќ. Во текстот се наведува дека многу Срби го сметале за свој генерал во периодот на распадот на поранешна Југославија. Нивниот кадар, Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа на која познатиот хашки осуденик е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“.
Овие објави предизвикаа силни реакции кај опозициските партии и во граѓанскиот сектор, од каде што беше побарана одговорност од функционерите поврзани со спорната содржина.
Од Либерал-демократската партија (ЛДП) посочуваат дека членот 407-а од Кривичниот законик предвидува санкции за величење, одобрување или минимизирање на геноцидот и воени злосторства и оти не постои можност за „повлекување на ставот“ откако дејствието веќе е сторено. Партијата побара Китановиќ да биде разрешен и кривично гонет.
Секако и од ДУИ – очекувано – побараа политичка одговорност и од Влен, бидејќи како партнер во власта не може да биде само набљудувач и да не реагира на ваквите ставови на владини функционери.
Јасно е дека СДСМ не можеше да одмолчи извлекување на партиите на власт од начинот на кој сакаа прашањето за ликот и делото на Младиќ речиси и да го турнат под тепих за да на се разгорат страстите меѓу коалиционите партнери со различни ставови по тоа прашање.
Лидерот на опозицијата го прозва премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со непобараното преземање одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ и од директорот институцијата која треба да се грижи за меѓунационалните односи Китановиќ, практично покажува согласност со нивните јавно искажани ставови поврзани со Ратко Младиќ. Тој став беше нагласуван на нивните прес конференции, а од таму и писмено се побара премиерот да ги повика на одговорност двајцата функционери од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија, кои на социјалните мрежи споделија содржини што, според партијата, претставуваат глорификација на ликот на Ратко Младиќ.
Ова прашање никако не можеше да се забошоти во Палатата Татарчев, особено откако може да се предвиди дека погребот на Младиќ ќе се одолговлечи, а со тоа и одржувањето на митот за осуденикот како национален јунак ќе опстојува во јавната комуникација, особено на социјалните мрежи. Затоа и Владата мораше да излезе со став дека директорот на Агенцијата треба да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
Китановиќ преку социјалните мрежи информираше дека ја избришал спорната објава и му се извинил на премиерот Христијан Мицкоски.
Посочениот наведе дека содржината ја отстранил веднаш и дека е подготвен да преземе одговорност за секој свој збор, но оти нема да прифати одговорност за „туѓите манипулации“ со неговите изјави.
Граѓанскиот сектор, меѓутоа, не го прифати бришењето на објавата како замена за одговорност. Уште на 30 август, ЦИВИЛ – Центар за слобода јавно побара политичка, морална и законска одговорност од владини и партиски функционери, како и од премиерот Христијан Мицкоски.
Организацијата оцени дека глорификацијата на осудени воени злосторници и негирањето, релативизирањето или премолчувањето на судски утврдените злосторства претставуваат напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок. На 1 септември, ЦИВИЛ повтори дека таквото однесување на носител на јавна функција не може да се сведе на „личен став“ или „лична совест“ и побара Владата да постапи одговорно и според законот.
Одделно, на 1 септември, осум граѓански организации, меѓу кои и Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница, побараа од премиерот итно да ја преиспита одговорноста на Китановиќ и да го разреши.
Тие оценија дека величање личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со раководењето на институција надлежна за правата на заедниците. Го отворија и прашањето за безбедноста и достоинството на вработените од засегнатите заедници во Агенцијата, а од Јавното обвинителство побараа по службена должност да ги испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело согласно член 407-а од Кривичниот законик.
Сето ова е секако некаква игра на извлекување – ем засега нема оставка од ниту еден од посочените функционери, ем Китановиќ ја префрлува расправата за својата фотомонтажа на полјаната „кој како сака нека си ја толкува содржината“.
Тоа не е само глупаво извлекување, туку и дополнително изложување на премиерот во ситуација на заменета цел. Јасно, Мицкоски не може да остане и понатаму неодлучен, уште помалку да игра на заборавот на случајот, кога времето на кулминација на целата афера се уште е доста пред нас. За неговата неодлучност, која е просто дел од неговиот карактер, нема многу маневарски простор. Што би рекле спартанците, оние кои никогаш не беа мајстори на бесконечното балансирање, сега тој треба да биде „со штитот или на него“.
Особено ако мисли и натаму да говори за „можеби скорешни избори“. Со овој товар на грбот што му ги натокмија коалиционерите не се оди многу далеку без политичко тетеравење.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.