Русија изврши нови ноќни напади врз Украина на 11 август, погодувајќи цивилни подрачја во Кијив, Запорижја и други украински региони. Според најновите извештаи, во нападите загинаа најмалку 10 цивили, додека десетици се повредени. Во Запорижја, украинските власти соопштија дека загинале седум лица, а 24 се повредени, по руски напад во кој, според претседателот Володимир Зеленски, биле употребени и балистички ракети доставени од Северна Кореја.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X ја опиша ноќта како уште една ноќ на руски терор.
„Уште една ноќ на руски терор во Украина. Кијив, Запорижја и други украински градови повторно се под удари. Дури ни детска болница не беше граница за терористите. Зад секој напад на рф стојат нечиј живот, дом и семејство. #RussiaIsATerroristState #StandWithUkraine“, напиша Дир.
Уште една ноќ на руски терор во 🇺🇦. Кијив, Запорижја и други украински градови повторно се под удари. Дури ни детска болница не беше граница за терористите. Зад секој напад на рф стојат нечиј живот, дом и семејство. #RussiaIsATerroristState #StandWithUkraine pic.twitter.com/V6OH0dfC0P
— Larysa Dir (@dir_larysa) August 11, 2026
Нападот врз Кијив предизвика пожари во главниот град, а според извештаите, погоден бил и простор во рамки на детска болница. Овој детаљ ја прави пораката на амбасадорката Дир уште посилна: руските напади повторно ја преминаа границата на основната човечка и правна норма дека децата, болниците и цивилната инфраструктура не смеат да бидат цел.
Русија, како и многупати претходно, тврдеше дека целите биле „воено поврзани“ логистички центри во Кијив и индустриски капацитет во Запорижја. Но украинските информации и меѓународните извештаи повторно покажуваат цивилна цена: загинати и повредени луѓе, пожари во градовите, погодени цивилни простори и нова ноќ на страв за украинските семејства.
Претседателот Зеленски изјави дека Москва добива нова воена поддршка од Северна Кореја и дека тоа не укажува на подготовка за мир, туку на подготовка за нова ескалација. Според него, секој чекор на Русија, како што се зголемувањето на производството на балистички ракети, внесувањето севернокорејска опрема и подготовките за мобилизација, покажува дека Кремљ не бара мир, туку продолжување и проширување на војната.
Нападите врз Кијив и Запорижја се дел од континуирана руска стратегија на исцрпување и терор против украинските градови. Со комбинирани удари со ракети, беспилотни летала и други средства, Русија се обидува да ја уништи секојдневната безбедност на цивилното население, да ја парализира критичната инфраструктура и да создаде чувство дека ниту еден простор, ниту дом, ниту болница, ниту детска установа, не е безбеден.
Особено загрижувачка е информацијата за употреба на севернокорејски балистички ракети. Доколку се потврди во целост, тоа уште еднаш ќе покаже дека руската агресија против Украина одамна не е само билатерална војна на една држава против друга, туку јадро на поширока авторитарна соработка насочена против меѓународниот поредок, европската безбедност и основните правила на хуманоста.
Украинските власти повторно апелираат за засилување на противвоздушната и противбалистичката одбрана. Секој нов напад покажува дека прашањето на ПВО не е техничко или апстрактно воено прашање, туку прашање на заштита на цивилни животи. За Украина, системите за воздушна одбрана значат заштита на деца, болници, домови, енергетски објекти, железничка инфраструктура и цели заедници.
Џ. Дерала
Една жртва и коалиција на агресори
Украина се бори против коалиција составена од диктатури, не против една држава. Неподготвеноста да се каже тоа, секое двоумење, ги штити агресорите. Вистината ја штити Украина. И демократијата.












