• Latest
Скриншот од видеото што го промовира премиерот Христијан Мицкоски, Фејсбук, 9 август 2026

Битка за минатото и слепило за иднината

August 10, 2026
Шумски пожар (фото извор: ЦУК)

Европа и светот во пламен: Климатска криза, човечка небрежност и разорни последици

August 10, 2026
фото извор: Алта банка

СКАНДАЛ: Алта банка тргна и кон Црна Гора, Владата прво рече „да“, па „не“

August 10, 2026

Косово и Украина се на иста страна

August 10, 2026
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Хипокризија

August 9, 2026

SNAFU… Сите губат, некои само побрзо

August 9, 2026

ТЕРОР: Во последните 48 часа, Одеса, Кијив и 12 области под руски напад; најмалку четворица цивили загинаа во Кијив и областа, меѓу нив и тригодишно дете

August 9, 2026

Кога протоколот ја отсликува надворешната политика

August 8, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Два залaка и чувство на сопственост

August 8, 2026
Зеленски - Вучиќ, Тирана, февруари 2024 (фото извор: Кабинет на Претседателот на Украина)

Србија – Украина: Цената на Вучиќ

August 7, 2026
Илустрација ВИ

Безбедносно тестирање: Напредните AI модели покажаа автономно измамничко однесување, експертите бараат построга регулација

August 6, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА КОМПАС

Битка за минатото и слепило за иднината

August 10, 2026 11:09
in КОМПАС, МУЛТИКУЛТУРА, ПОЛИТИКА, ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Скриншот од видеото што го промовира премиерот Христијан Мицкоски, Фејсбук, 9 август 2026

Скриншот од видеото што го промовира премиерот Христијан Мицкоски, Фејсбук, 9 август 2026

Share on FacebookShare on Twitter

Џабир Дерала

Наместо да биде момент на општествена кохезија и рефлексија за изминатиот пат, одбележувањето на 35 години од независноста се претвори во арена за политички пресметки. Промотивното видео „Силно светнал ден!“ што го објави премиерот Христијан Мицкоски, наместо симбол на обединување, всушност, излезе дека е рендгенска снимка која ги открива сите аномалии на политиката и отсуството на визија кај политичките елити.

Амбицијата да се претстави видеото како некој државен (или државнички) маркетинг, брзо ескалираше во битка за авторски права за историјата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но, она што навистина недостасува во видеото и во јавната вербална битка по неговото објавување, не е ништо освен пораз за македонската државотворност.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека видеото испраќа обединувачка порака, потсетувајќи на 1991 година, воведувањето на денарот и првиот претседател Киро Глигоров. И тука некаде завршува „прегледот“ на значајните историски настани за независноста на државата.

Притоа, наративот во видеото на премиерот е строго моноетнички. Во три и пол минути визуелна историја, целосно се избришани истакнатите фигури од албанската, турската, ромската, српската, бошњачката и влашката заедница – според Уставот, делови од народ – кои придонеле за развојот на оваа држава.

Единствениот допир со мултикултурализмот во видеото се инсерти од Старата скопска чаршија, со што културниот и етничкиот диверзитет се третира исклучиво преку неми архитектонски творби од османлискиот период, додека луѓето кои го сочинуваат тој диверзитет се невидливи. Прескокнувањето на клучни моменти од градењето на државотворноста во контекст на различностите и мултикултурниот, мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на државата, покажува дека владејачката партија сè уште креира државен ПР кој се обраќа исклучиво на етничките Македонци.

Симптоматична е и реакцијата на опозицијата. Ако видеото на Мицкоски е доказ за ексклузивен етнички наратив, одговорот на СДСМ покажува дека партијата која со години го градеше својот политички легитимитет на платформата „Едно општество за сите“, едноставно, го заборавила ова свое значајно наследство.

Мицкоски му понуди на СДСМ бришан простор за остра и доследна реакција. Наместо тоа, нивниот политички рефлекс целосно затаи. Од Бихаќка реагираа исклучиво затоа што нивното партиско его беше повредено. Тие обвинија дека во видеото фалат нивните успеси (како НАТО членството), па излегоа со тврдењето дека сите важни државни достигнувања во изминатите три и пол децении се заслуга на СДСМ. Но, иако власта им даде материјал за жестока критика и можност да застанат во одбрана на инклузивноста, СДСМ избра да се бори само за партиски заслуги.

Подеднакво симптоматичен е и молкот на албанските политички субјекти, и оние во власта (коалицијата ВРЕДИ) и оние во опозицијата (ДУИ). Нивното отсуство од оваа дебата разоткрива повеќе реалности.

Од една страна, очигледно е политичкото калкулантство на ВРЕДИ. Како дел од владината коалиција, тие очигледно избраа да не ја нарушуваат хармонијата со ВМРО-ДПМНЕ поради едно промотивно видео. Приоритетот е задржување на мирот во владата, дури и по цена на игнорирање на фактот дека државниот празник се слави како ексклузивен етнички проект.

Од друга страна е, барем навидум, апатијата на ДУИ. За партија која две децении беше во коалициите на власт и се позиционираше како главен заштитник на Охридскиот договор и мултиетничноста, нивниот молк како опозиција е илустративен. Нивната незаинтересираност да го критикуваат моноетничкиот наратив на видеото, како и на кампањата за одбележување на јубилејот, покажува дека нивната реакција најчесто е условена од теснопартискиот интерес во даден момент, а не од суштинска и континуирана грижа за инклузивноста на државата.

И историскиот багаж… Овој молк на албанските политички ентитети е заснован и на поширок историски контекст. Иако во 1991 година голем дел од Албанците беа за отцепување од Југославија, а Унијата на албанската интелигенција отворено го поддржа референдумот, тогашното политичко раководство (ПДП и НДП) официјално го бојкотираше гласањето. Бојкотот не беше против независноста, туку политички протест против новиот Устав кој, според нив, ги маргинализираше од „државотворен народ“ (статус наследен од Уставот на СФРЈ од 1974 година) во „малцинство“. Тој историски товар преживеа до денес, правејќи го 8 Септември празник кој во албанскиот политички кампус често се третира со дистанца, што само го потврдува постоењето на паралелни општества.

Со други зборови, ете како едно видео може да илустрира држава заглавена во својата транзиција. Суштината на оваа контроверзија не е чиј е Киро Глигоров, ниту кој ја внесе земјата во НАТО. Вистинскиот пораз лежи во фактот дека и по 35 години сувереност, македонските политички елити не се способни да продуцираат наратив во кој ќе се препознаат сите граѓанки и граѓани на земјата.

И така, додека ВМРО-ДПМНЕ промовира историја во која немакедонските заедници (делови од народи) постојат само како асоцијација низ градби во Старата Чаршија, СДСМ бара партиски заслуги, а албанските партии симптоматично молчат, единствениот губитник е концептот на модерна, граѓанска и мултикултурна држава. Овој јубилеј, наместо да покаже колку е созреано општеството, за жал, покажува само дека општеството останува длабоко поделено на партиски и етнички феуди кои не умеат да застанат заедно, во остварувањето на заедничките државни интереси.

 

П.С. За утките во дизајнот на знамето во кампањата, тендерите, вртоглавите износи за реализација на прославата и други скандалозни аспекти на оваа ПР операција на владата на Мицкоски – во друга прилика.

 


Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.


Авторот стои зад изнесените ставови и ја презема личната одговорност за содржината на текстот, во рамките на важечкото право. Во случај на правен приговор или постапка, авторот бара тие првенствено да бидат упатени до него, а медиумските платформи да бидат изземени од одговорност секогаш кога тоа го дозволува законот.


Неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ