Џабир Дерала
Официјалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија на 7 и 8 август 2026 година на прв поглед можеше да се чита како дипломатски успех за Украина: уште една европска држава што одржува блиски врски со Москва се приближува кон Кијив, Александар Вучиќ повторно го признава територијалниот интегритет на Украина, вклучително и Крим и другите територии окупирани од Русија, а Белград и Кијив отвораат простор за економска, енергетска, инфраструктурна и поширока политичка соработка.
Тоа е реалниот и важен дел од приказната. Но, по нешто повеќе од една недела, се гледа и другата страна на дипломатската равенка.
Србија од посетата доби нешто што за Вучиќ има значителна политичка вредност –украинскиот претседател, во Белград, повторно потврди дека позицијата на Украина кон независноста на Косово останува непроменета и тоа го образложи со почитување на територијалниот интегритет, меѓународното право и реципроцитетот со партнерите кои го почитуваат територијалниот интегритет на Украина.
Самата украинска позиција не е нова. Нови се политичкиот контекст, местото, моментот и начинот на кој таа беше употребена потоа. Веднаш започна политичкиот живот на оваа изјава која – да нагласиме – воопшто не е нова, но која излезе надвор од украинската дипломатија.
Приштина реагираше со разочарување. Белград ја претстави изјавата како потврда на сопствената политика. Вучиќ подоцна отиде чекор понатаму и го постави прашањето за Косово и територијалниот интегритет на Украина во иста аргументациска рамка на наводни западни двојни стандарди. Москва, преку Сергеј Лавров, во меѓувреме ја внесе посетата на Зеленски во поширокиот руски наратив за европскиот притисок врз Србија, Косово и односите со Русија.
Така се создаде една необична политичка ситуација. Лавров не мора да ја прави паралелата Косово–Крим–Донбас. Вучиќ веќе врши голем дел од наративната работа што му е потребна на Кремљ.
А украинската формулација, иако Зеленски не направи таква паралела, ненамерно му обезбедува материјал за тоа. Тоа е цената за која вреди да се зборува.
Пред посетата: Вучиќ однапред го поставува Косово на масата
Посетата на Зеленски не започна со Косово. Официјално, најавените теми беа европската интеграција, билатералните односи, економијата и енергетиката. Но агендата имаше и потенцијално многу позначајна безбедносна и индустриска димензија. Според германскиот Frankfurter Allgemeine Zeitung (FAZ), во игра биле и можни заеднички инвестиции на Србија, Украина и Обединетите Арапски Емирати во производство на дронови. Сепак, на заедничката прес-конференција, на директно прашање од новинарот на FAZ дали се разговарало за одбранбена соработка и заедничко производство, Вучиќ изјави дека тој ден не разговарале за никаква воена соработка, оставајќи отворена можност такво нешто да се разгледува по завршувањето на војната.
Како и да е, Вучиќ уште пред пристигнувањето на украинскиот претседател јавно нагласи нешто друго.
На 6 август, најавувајќи ја посетата, тој потсети дека Украина не ја признава независноста на Косово и дека на двата самити Украина–Југоисточна Европа организирани на украинска територија не биле поканети претставници на Приштина.
„Тоа се работи што мораме да ги почитуваме“, порача Вучиќ.
Со тоа, пред Зеленски воопшто да пристигне во Белград, српскиот претседател веќе ја дефинираше една од политичките вредности што Србија ја гледа во односите со Украина: Кијив не го признава Косово.
Истовремено, Вучиќ повтори дека Србија нема намера да ја промени политиката на неприклучување кон санкциите против Русија. Значи, уште пред посетата беше јасно дека Белград нема намера да направи стратешки пресврт кон украинските позиции. Србија сака подобри односи со Украина, но без да се откаже од сопствената политика кон Москва.
Тоа е важно за разбирањето на сè што следува.
8 август: Зеленски во Белград
Официјалната украинска комуникација од посетата беше внимателно фокусирана на позитивната агенда.
Претседателството на Украина објави дека Зеленски му се заблагодарил на Белград за поддршката на независноста и територијалниот интегритет на Украина, за хуманитарната помош и за односот кон Украинците кои дошле во Србија по почетокот на војната.
Вучиќ, според истата официјална украинска комуникација, објавена на официјалната веб-страница на претседателот на Украина, нагласил дека Србија доследно се придржува кон Повелбата на ОН, резолуциите на ОН и територијалниот интегритет на сите земји членки на Обединетите нации. (Официјалната изјава на Зеленски на заедничката прес-конференција со Вучиќ)
Разговорите, според официјалните извештаи и изјави, опфатиле инфраструктура, железници, енергетика, трговија, безбедност на храната, договор за слободна трговија, европската интеграција и дипломатските напори за завршување на руската војна против Украина.
Тоа не се безначајни резултати. За Украина, која се наоѓа во војна на исцрпување и има потреба од што поширока дипломатска, економска, индустриска и политичка мрежа, подобрувањето на односите со Србија има рационална стратешка логика.
Србија има значајна одбранбена индустрија. Има политички канали со Москва. Таа е кандидат за членство во ЕУ. Вучиќ го признава територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, вклучително и териториите окупирани од Русија од 2014 година наваму.
Белград, исто така, обезбедува хуманитарна помош за Украина.
Само неколку недели претходно, на 15 јули, Вучиќ беше во Кијив и најави дополнителна хуманитарна, медицинска и енергетска помош, како и учество во обновата на еден украински град. Но истовремено одби да ја потпише декларацијата на самитот Украина–Југоисточна Европа која повикуваше на продолжување на политичката, воената, финансиската и безбедносната поддршка за Украина и на зголемување на притисокот врз Русија.
Токму тука се гледа суштината на политиката на Вучиќ. Не се работи за конверзија, туку за позиционирање. Србија не преминува од рускиот во украинскиот табор. Таа ја зголемува својата вредност за повеќе страни истовремено. Тоа е „цената на Вучиќ“.
Реченицата што ја промени приказната
На прес-конференцијата во Белград, Зеленски беше прашан дали Србија и понатаму може да смета на украинската позиција за непризнавање на независноста на Косово.
Одговорот беше политички далеку поважен од едноставното „Украина не го признава Косово“. И ова е исклучително важно!
Зеленски рече дека Украина го почитува територијалниот интегритет на своите партнери и меѓународното право и дека позицијата кон, како што беше формулирано во прашањето и одговорот, „едностраното прогласување независност на Косово“ останува непроменета.
Потоа додаде дека Украина им е благодарна на партнерите кои го почитуваат нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, вклучително и фактот дека Крим е украински, и посочи дека позицијата на Србија за украинскиот територијален интегритет исто така не е променета.
Значи, мора да се разбере потребата да бидеме исклучително прецизни.
Зеленски не рече дека Косово е исто што и Крим. Не рече дека независноста на Косово е еквивалент на руската анексија на Крим. Не ги спореди Косово и окупираните области Донецк, Луганск, Запорижја и Херсон. Впрочем, такво тврдење би било неточно.
Но, претседателот Зеленски во истиот одговор ги постави почитувањето на „територијалниот интегритет“ на Србија, непроменетата украинска позиција кон Косово и српското признавање на украинскиот територијален интегритет, вклучително и Крим.
Тука настана пукнатината што го овозможи разгорувањето на пропагандните наративи. Тие не произлегуваат од некаков нов став на Украина или на претседателот Зеленски, бидејќи такво нешто не постои, туку од начинот на кој беше употребен неговиот одговор на новинарското прашање од новинарка на РТС – јавниот сервис чија уредувачка независност и известување во корист на власта се предмет на сериозни критики и загриженост од домашни и меѓународни набљудувачи.
Не затоа што Зеленски извршил формално правно изедначување, туку затоа што создаде реторичка конструкција што другите можат да ја употребат за такво изедначување. И токму тоа клопче почна да се одмотува.
Српската верзија: „взаемна поддршка на територијалниот интегритет“
Разликата меѓу украинската и српската официјална комуникација е многу интересна. Украинското Претседателство во своите официјални извештаи не го ни споменува Косово. Фокусот беше врз Украина, билатералната соработка, хуманитарната помош, инфраструктурата, економијата, енергетиката, ЕУ и мировните напори.
Српската влада, напротив, објави информација со наслов:
„Србија и Украина ја потврдија взаемната поддршка на територијалниот интегритет“.
Во неа се нагласува дека Вучиќ ѝ се заблагодарил на Украина затоа што го поддржува „територијалниот интегритет на Србија по прашањето на Косово и Метохија“, а изјавата на Зеленски дека украинската позиција не се менува е експлицитно внесена во официјалниот српски запис.
Тоа не е случајна разлика во редактирањето. Тоа покажува што секоја страна сака нејзината публика да го види како главен резултат.
За Кијив: Србија се приближува кон Украина. За Белград: Украина повторно го потврдува српскиот аргумент за Косово. И двете тврдења содржат дел од вистината. Но нивната политичка вредност не е иста.
Вучиќ ја капитализира позицијата уште истиот ден. Неколку часа по средбата, Вучиќ пред граѓани повторно ја објасни српската позиција. Србија, рече тој, е единствената земја во Европа која не вовела санкции кон Русија, но истовремено има добри и пријателски односи со Украина затоа што Украина не го признава Косово како независна држава.
Тоа е речиси совршена дефиниција на политиката на Вучиќ. Неприклучувањето кон санкциите против Москва не е пречка за подобри односи со Кијив. Поддршката на украинскиот територијален интегритет не значи напуштање на Русија. А украинското непризнавање на Косово се претвора во дополнителен ресурс за оправдување на соработката со Украина пред домашната и проруската публика.
Со други зборови, Вучиќ „не избира страна“, туку, според сопствената формула, „ги застапува интересите на Србија“. Од перспектива на неговата политика на постојано балансирање, тоа му овозможува да ја зголемува преговарачката вредност на Белград истовремено пред Москва, Кијив и Брисел. Но она што е политички корисно за Вучиќ не мора да биде стратешки корисно ниту за Украина, ниту за европската перспектива на Србија, ниту за стабилноста на регионот. Особено кога Косово станува валута во тоа балансирање и аргумент што лесно се вградува во руските наративи за наводните западни „двојни стандарди“.
Приштина: Ние бевме со Украина од првиот ден
Реакцијата од Косово беше брза и политички многу јасна. Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца изрази жалење поради изјавата на Зеленски и потсети дека Косово од првиот ден на руската целосна агресија застана на страната на Украина. Тој нагласи дека Косово го направило тоа и покрај украинското непризнавање.
А тоа е и точно. Официјална Приштина воведе санкции против Русија и Белорусија, ја усогласи својата политика со западните партнери, отворена е за украинските бегалци, го суспендираше визниот режим за украинските државјани, испраќаше хуманитарна и друга помош, обезбеди засолниште за украински новинари и поддршка за украинската одбрана.
Коњуфца, како шеф на косовската дипломатија, не ја услови понатамошната поддршка за Украина со признавање на Косово. Напротив, порача дека Косово ќе продолжи да го поддржува украинскиот суверенитет.
Истовремено го отфрли српското повикување на „територијалниот интегритет“ како аргумент против косовската независност и порача дека украинското признавање на Косово би ги зајакнало токму принципите на слобода, демократија и меѓународно право за кои Украина денес се бори.
Тоа е суштински важна разлика меѓу двата наратива. Косово ја поддржува Украина без реципроцитет. Србија го нагласува реципроцитетот.
Украинското знаме во Приштина: Цената на симболизмот
На 9 август, ден по изјавата на Зеленски во Белград, од центарот на Приштина беше отстрането големото украинско знаме што стоеше таму како симбол на солидарност со Украина.
Градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, го оправда потегот со пораката дека „Косово мора да биде почитувано“. Во истата објава тој нагласи дека Косово останува на страната на Украина и дека отстранувањето на знамето не значи повлекување на поддршката за украинскиот народ.
Но токму тука настанува проблемот.
Во политичката комуникација, особено во услови на војна и интензивни информациски и пропагандни операции, симболичниот чин понекогаш е помоќен од објаснувањето што го придружува. Фотографијата или видеото на кое се гледа како украинското знаме се отстранува од центарот на Приштина може да патува низ медиумскиот и социјалниот простор без ниту еден збор од објаснувањето на градоначалникот.
И токму тоа го прави потегот на приштинскиот градоначалник крајно непромислен. Дополнителна тежина на оваа оценка ѝ дава и реакцијата на украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко, еден од најгласните застапници за украинско признавање на Косово. Тој го оцени симнувањето на знамето како погрешен потег, нагласувајќи дека украинското знаме е симбол на поддршката за украинскиот народ, а не за конкретен претседател. Тоа е особено значајно токму затоа што Гончаренко истовремено ја оценува позицијата на Зеленски за Косово како дипломатска грешка и отворено се залага Украина да го признае Косово.
Легитимно е Приштина да биде разочарана од украинската позиција за непризнавање на Косово. Легитимно е косовските политичари да влезат во комуникација со Кијив за преиспитување на таа политика. Легитимно е и да потсетуваат дека Косово, и покрај непризнавањето, од првиот ден на целосната руска агресија недвосмислено застана на страната на Украина.
Приштинскиот градоначалник направи суштинска политичка и комуникациска грешка. Отстранувањето на украинското знаме не го погоди аргументот на Зеленски. Го погоди симболот на украинската борба и на косовската солидарност со неа.
Настанот веднаш беше забележан и во украинскиот медиумски простор. „Украинска правда“, „Kyiv Independent“ и други украински редакции ја пренесоа реакцијата од Приштина. Така, прашањето веќе не остана само балканска дипломатска расправија за признавањето на Косово. Сликата на отстранетото украинско знаме влезе во украинскиот јавен простор во време кога знамето е нешто многу повеќе од државен симбол, туку е симбол на земја што секојдневно се брани од брутална агресија.
Тука се појавува една од првите видливи последици со висока цена – разочарување кај политичка заедница која четири и пол години демонстрира исклучително јасна солидарност со украинската борба.
Но одговорноста за начинот на кој тоа разочарување беше претворено во политички гест не може да му се припише на Зеленски. Одлуката да се симне знамето беше одлука на градоначалникот на Приштина. И тоа е погрешна одлука што произведе цена и за Косово.
Непромислениот потег со отстранувањето на знамето отвори простор за експлозија на наративи со кои косовската солидарност со Украина почна да се претставува како „лицемерна“, условна или трансакциска. Косово, наводно, ја поддржувало Украина само додека очекувало Кијив да возврати со признавање, а симнувањето на знамето наводно ја покажало „вистинската“ природа на таа поддршка.
Оваа конструкција ја игнорира временската линија на настаните.
Украина не го признава Косово од прогласувањето на независноста во 2008 година. Тоа не беше нова одлука на Зеленски донесена во Белград на 8 август 2026. Косово ја знаеше украинската позиција и пред почетокот на целосната руска агресија. И покрај тоа непризнавање, Косово застана на страната на Украина од првиот ден на руската агресија. Тоа се фактите.
Со други зборови, косовската солидарност со Украина постоеше токму во услови кога Украина не го признаваше Косово. Затоа, тезата дека отстранувањето на знамето ја „разоткрило“ косовската солидарност како лицемерна е историски и фактографски неодржлива. Но непромислениот потег на приштинскиот градоначалник им подари на оние што сакаат да ја шират таа теза совршена слика за неа.
Тоа е една од основните лекции на современата пропаганда. Не е доволно што контекстот е на твоја страна, ако на противникот му подариш симбол што може да функционира без контекст.
Дека реакцијата на градоначалникот не треба автоматски да се чита како промена на поширокото расположение во Косово, покажуваат и разговорите на ЦИВИЛ Медиа со соговорници од тинк-тенк заедницата во Приштина.
Според еден од нив, „изјавата на Зеленски предизвикала иритација и негативни реакции меѓу дел од граѓаните, особено на социјалните мрежи, а дел од јавноста прашањето го гледа и низ црно-бела призма“. Сепак, тврдат нашите соговорници, не ја менува суштинската позиција на косовското општество. Граѓаните на Косово остануваат на страната на Украина и ја осудуваат руската агресија. Соговорниците споделија и разочарување од ставот на Зеленски за Косово, но како што истовремено нагласуваат – не ја менува поддршката за правото на Украина да се бори за својата слобода против руската агресија.
Оваа проценка е важна токму затоа што ја покажува разликата што лесно се губи во вревата на социјалните мрежи и во пропагандното искористување на настанот. Разочарувањето од изјавата на Зеленски не е исто што и откажување од Украина, а несогласувањето со политиката на Кијив кон Косово не значи поддршка за Русија.
Таа разлика е видлива и во официјалните реакции од Приштина. Косовските власти изразија несогласување, но не ја условија понатамошната поддршка за Украина со украинско признавање на Косово. Напротив, пораката остана дека Косово ќе продолжи да го поддржува украинскиот суверенитет и борбата против руската агресија.
Наместо таа порака да остане во центарот, информацискиот простор доби нешто многу поедноставно, повидливо и полесно за манипулација:
Во Приштина го симнаа украинското знаме.
Токму тука се гледа колку политичкиот симболизам може да стане контрапродуктивен. Градоначалникот сакал да испрати порака дека Косово заслужува почитување. Но со изборот на симболот против кој ја насочи пораката, создаде слика што може да се употреби за да се доведе во прашање токму она што Косово повеќе од четири години го докажува со конкретни политички постапки – својата солидарност со Украина.
Во информациска војна, таквите подароци се скапи.
Реакции и во Кијив: Украински пратеници ја отворија дебатата за признавање на Косово
Реакциите на изјавата на Зеленски во Белград не останаа ограничени на Приштина и Белград. Прашањето повторно се отвори и во самата Украина, вклучително и меѓу пратеници во Врховна Рада. Тоа е важен дел од сликата, бидејќи покажува дека официјалната политика на непризнавање на Косово не е завршена приказна.
Меѓу најдиректните реакции беше онаа на украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко, кој изјавата на Зеленски ја оцени како политичка грешка и повторно повика Украина да го признае Косово. Гончаренко не е нов во оваа дебата. Тој уште во 2022 година поднесе предлог-резолуција во Врховната рада со која се повикува Украина да ја признае независноста на Косово. По посетата на Зеленски на Белград, тој повторно јавно застана зад истиот став.
Но, уште позначајна за разбирањето на дебатата е позицијата на Олександр Мережко, претседател на Комитетот за надворешна политика и меѓупарламентарна соработка на Врховната рада и пратеник од партијата на Зеленски, „Слуга на народот“.
Мережко јавно изрази скепса кон аргументите против украинското признавање на Косово. Во разговор за Радио Слободна Европа тој посочи дека во украинскиот парламент постојат аргументи и за и против признавањето и дека ова прашање би можело повторно да се најде на политичката агенда по завршувањето на војната.
Аргументите против признавањето што ги наведе Мережко се добро познати: стравувањето дека Русија би можела да го злоупотреби Косово како преседан за окупираните украински територии; фактот дека Србија го признава територијалниот интегритет на Украина; како и практичните интереси на Кијив во односите со Белград, вклучително и прашањето за српската муниција.
Но Мережко истовремено го доведува во прашање токму првиот и најчесто повторуван аргумент. Косово и украинските територии окупирани од Русија не се исти случаи, а руската пропаганда и онака со години го користи Косово за да ги оправдува сопствените постапки. Оттука произлегува и прашањето дали украинското непризнавање навистина ја спречува Москва да ја користи таа лажна аналогија или само ја ограничува дипломатската позиција на самата Украина.
Мережко укажа и на уште една противречност. Значителен дел од српското општество останува под силно влијание на руската пропаганда, која во Србија продолжува непречено да функционира. Тоа е важна забелешка во контекст на тезата дека непризнавањето на Косово треба да се зачува заради добрите односи со Белград. Украина, со други зборови, прави дипломатска отстапка кон држава чиј политички и медиумски простор останува еден од главните канали на руското влијание во Европа.
Овие реакции не значат дека украинската политика кон Косово е променета. Не е. Одлуката за признавање е во надлежност на украинското државно раководство, а Зеленски во Белград експлицитно потврди дека официјалната позиција останува непроменета.
Но, реакциите на Гончаренко и Мережко покажуваат нешто друго што е подеднакво важно, а тоа е дека непризнавањето на Косово не е неспорен украински национален консензус.
Во Украина постои политичка и парламентарна дебата дали таа политика сè уште им служи на украинските интереси. Уште поважно, дел од украинските политичари веќе го поставуваат истото прашање што произлегува и од оваа анализа. Ако Москва и онака ја злоупотребува косовската аналогија, а Србија ја користи украинската позиција како дипломатски капитал во сопственото балансирање меѓу Кијив, Москва и Брисел – што точно добива Украина со продолжувањето на непризнавањето?
Токму затоа реакциите од Врховната Рада се важни и за правилното читање на изјавата на Зеленски. Тие потврдуваат дека не станува збор за некаква нова украинска доктрина за Косово, туку за продолжување на постојната државна политика, а тоа е политика која, е предмет на видливо преиспитување и дебата во самата Украина.
Косово и Украина не се ист случај
Важно е да се отфрли една опасна конструкција која се служи со поедноставување, истовремено со искривување на фактите и контекстите. Тоа мора да престане.
Косово не е Крим. Косово не е Донецк. Косово не е Луганск. Косово не е Запорижја или Херсон.
Независноста на Косово не е резултат на воена инвазија на соседна држава со цел анексија на територија, ниту на референдум организиран под окупација од странска армија со намера територијата да се присоедини кон државата агресор.
Русија во 2014 година воено го окупира Крим и го анектираше. Во 2022 година започна целосна агресија против Украина, а потоа прогласи анексија и на други украински територии кои не ги контролираше ни целосно.
Косовскиот случај има сосема поинаква историска, политичка, хуманитарна и правна генеза: распадот на Југославија, репресијата и масовните злосторства на режимот на Милошевиќ, вооружениот конфликт, интервенцијата на НАТО, меѓународната администрација под ОН, долготрајниот процес за статусот и прогласувањето независност во 2008 година.
Дополнително, Меѓународниот суд на правдата во своето советодавно мислење од 2010 година утврди дека декларацијата за независност на Косово не го прекршила меѓународното право.
Тоа не значи дека сите држави се обврзани да го признаат Косово. Но значи дека едноставното ставање на Косово и руските анексии во истата категорија „територијален интегритет“ ја брише разликата меѓу две суштински различни ситуации.
А токму бришењето на таа разлика со години е една од омилените операции на руската пропаганда.
Вучиќ го направи следниот чекор
По посетата дојде моментот што ја прави оваа анализа многу поинаква од она што можеше да се напише непосредно по 8 август. Веќе не мора да претпоставуваме како Вучиќ може и знае да го употреби аргументот.
Тој почна да го употребува. Во интервјуто за Welt am Sonntag, Вучиќ повторно ја претстави Србија како држава што ја признава потребата да се заштити територијалниот интегритет на Украина, но потоа го постави прашањето зошто истиот принцип, според него, не бил применет врз Србија во случајот со Косово.
Во пошироката аргументација, тој го нагласи вечно повторуваниот наратив дека „Косово ја отвори Пандорината кутија“ и го претстави како доказ за недоследност на Западот во примената на меѓународното право. Тука наративната трансформација е заокружена.
На 8 август имавме украинска изјава:
Ја почитуваме територијалната целост на партнерите; нашата позиција за Косово не е променета; благодарни сме што Србија ја почитува територијалната целост на Украина.
Неколку дена подоцна, српскиот аргумент станува:
Ако територијалниот интегритет на Украина мора да се почитува, зошто не беше почитуван територијалниот интегритет на Србија?
Тоа е точката каде што дипломатската формулација на еден политичар станува наративно оружје во рацете на друг.
Лавров не мора да ја прави паралелата – Вучиќ ја прави за него
На 14 август во интервју за VGTRK (Всероссийская государственная телевизионная и радиовещательная компания), рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја коментираше средбата меѓу Вучиќ и Зеленски. Тој ја смести средбата Зеленски – Вучиќ во рускиот наратив за притисокот што Европската Унија наводно го врши врз Србија.
Според неговата конструкција, Брисел бара од Белград две клучни работи, а тоа е да ја признае независноста на Косово и да се усогласи со европската политика кон Русија.
Како? Лавров не рече дека Косово го оправдува Крим или руската окупација на украинските територии. Но тој веќе ги смести Косово, европскиот притисок врз Србија, односите Србија–Украина и санкциите против Русија во една иста геополитичка приказна.
Следниот чекор не мора да го направи Москва. Вучиќ веќе го прави. Лавров не ја користи изјавата на Зеленски за да каже „Косово е Крим“. Тој прави нешто посуптилно, а со тоа и поопасно во одбрана на лажниот наратив тезата за „двојните стандарди“ за „истата ситуација“. И наместо да ги повторува истите наративи, Вучиќ ја произведува потребната конструкција на „двојни стандарди“ за него.
Позицијата на Зеленски
Украина е жртва на агресија. Русија е агресор. Зеленски е претседател на држава што секојдневно плаќа огромна човечка цена за одбраната на својот суверенитет, независност и територијален интегритет. Токму затоа неговите зборови за меѓународното право имаат тежина каква што немаат зборовите на речиси ниту еден друг европски лидер денес.
Но никој нема право да му припишува на Зеленски нешто што не го кажал. Тој не го изедначи Косово со Крим. Сепак, неговата аргументација создаде премиса што Вучиќ може да ја употреби.
Ако украинското непризнавање на Косово е израз на почитување на „територијалниот интегритет“ на Србија, а Србија возвратно го почитува територијалниот интегритет на Украина и украинскиот Крим, тогаш двете прашања веќе се внесени во структура на дипломатски реципроцитет.
Од таму, до аргументот – Зошто за Украина важи принципот на територијален интегритет, а за Србија не? – има само еден чекор. А Вучиќ го направи тој чекор. Москва нема причина да го спречи.
Целата наративна операција може да се сведе на три реченици. Зеленски ја обезбедува премисата. Вучиќ ја конструира споредбата. Москва има корист од резултатот.
Се разбира, ова не значи дека постои координирана операција меѓу тројцата актери. Напротив. Зеленски има сосема поинакви цели од Вучиќ и од Лавров. Но токму тоа е една од најважните карактеристики на современите информациски и хибридни операции. Еден актер не мора да произведе порака за таа да му биде корисна. Доволно е да ја преземе, да ја реконтекстуализира и да ја вгради во сопствениот наратив.
Што добива Украина?
Приближувањето кон Србија не е некоја дипломатска формалност, а уште помалку задоволување на нечија суета. Украина има реални интереси.
Прво, секое дополнително оддалечување на Белград од ексклузивното руско влијание е стратешки позитивно. Второ, Србија има значителен индустриски, економски и одбранбен потенцијал. Трето, Белград признава дека Крим и другите окупирани територии се дел од Украина. Четврто, Србија обезбедува хуманитарна и енергетска помош. Петто, економската и инфраструктурната соработка може да биде важна за обновата на Украина. Шесто, Кијив има интерес Србија постепено да се врзува за европските структури и со тоа да се намалува рускиот политички простор на Балканот.
Тоа е стратегија што може да се опише на следниот начин: прво се создаваат услови да се согледаат интересите, а потоа се трага по начини да се постигне усогласување. Од таа перспектива, украинската политика кон Србија е разбирлива.
Проблемот не е во дијалогот со Вучиќ. Проблемот е во цената што Кијив е подготвен да ја плати во политичкиот јазик за тој дијалог.
Што добива Вучиќ?
Вучиќ добива многу повеќе и веднаш. Добива украински претседател во Белград без да воведе санкции против Русија. Добива благодарност од Зеленски без да ја напушти Москва. Добива можност да се претстави пред Западот како прагматичен европски партнер. Добива дополнителен простор за економска и политичка соработка со Украина. Добива аргумент дека Србија не е руски сателит.
И, најважно, добива јавна потврда од претседателот на Украина дека позицијата на Кијив кон Косово останува непроменета, во рамка на говор за територијален интегритет и меѓународно право.
Така Вучиќ ја зголемува сопствената цена пред сите. Пред Москва може да каже: не воведов санкции. Пред Кијив: го признавам вашиот територијален интегритет. Пред Брисел: соработувам со Украина и сакам во ЕУ. Пред домашната јавност: Зеленски дојде во Белград и не го призна Косово.
Тоа е извонредно поволна позиција за Вучиќ.
Што добива Москва?
Москва не мора да ја спречува секоја средба меѓу Србија и Украина за да има корист од српската политика. Напротив, ако Вучиќ остане надвор од режимот на санкции, ја одржува тезата за „двојните стандарди“ на Западот, го користи Косово како контрааргумент за територијалниот интегритет и продолжува да ја претставува Србија како држава која не прифаќа целосно надворешно-политичко усогласување со ЕУ, Кремљ задржува значителен наративен и политички капитал.
Пропагандно, посебно вреден е аргументот за Косово. Руската пропаганда со години го употребува Косово како ретроактивно оправдување за сопствените постапки во постсоветскиот простор.
Правно и историски, аналогијата е дефектна. Но пропагандно, таа е едноставна и ефективна. Тој наратив се сведува на прашањето: „Западот можеше да го одвои Косово од Србија, зошто Русија не смее да го направи истото?“
Тоа е лажна еквиваленција. Но пропагандата не живее од правна прецизност, од логика и од факти. Живее од едноставни симетрии што ги замаглуваат границите меѓу фактите и лагите, меѓу реалноста и пропагандните конструкти.
Што губи Косово?
Косово повторно се наоѓа во парадоксална позиција. Од почетокот на целосната руска агресија застана јасно на страната на Украина. Не затоа што Кијив го призна Косово. Туку затоа што Косово ја препозна природата на агресијата.
За едно општество што има сопствено искуство со војна, протерување, масовни злосторства и борба за политички опстанок, украинската борба не е далечна геополитичка апстракција.
И покрај тоа, Украина продолжува да ја третира косовската независност пред сè низ призмата на сопствениот страв дека признавањето може да биде искористено од Москва. Тоа е разбирлив дипломатски страв. Но станува сè потешко да се брани како стратегија.
Особено кога Москва секако го користи непризнавањето на Косово како дел од сопствената регионална политика, додека Косово ја поддржува Украина.
Парадокс
Тука се наоѓа можеби најголемата стратешка противречност. Украина не го признава Косово, меѓу другото, затоа што сака да избегне создавање аргумент што Русија би можела да го употреби за своите окупации и анексии.
Но Русија веќе го употребува Косово. Со децении. Со украинско признавање или без него. А сега се случува нешто уште понеобично. Украинското непризнавање само по себе станува ресурс за политичка конструкција која Москва може да ја користи.
Тоа значи дека политиката дизајнирана да избегне руска злоупотреба не ја спречува злоупотребата. Во одредени околности, таа дури може да ѝ обезбеди дополнителен материјал.
Тишината на ЕУ
Во мониторингот на ЦИВИЛ за евентуални официјални комуникации на ЕУ по посетата не се бележи нова позиција што суштински би ја променила оваа слика. Европската политика останува иста.
Кон Украина, ЕУ го брани принципот дека нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност не можат да бидат уништени со руска воена сила и продолжува со санкциите против дејствијата што ги поткопуваат тие принципи.
Кон Србија и Косово, ЕУ го третира дијалогот Белград–Приштина како рамка за нормализација на односите.
Тоа само по себе покажува дека европската институционална практика не ги третира Косово и руската агресија против Украина како идентични правни случаи.
Но токму поради тоа, Брисел има интерес појасно да ги артикулира разликите кога наративите за „двојни стандарди“ повторно се активираат. Но Брисел и онака најчесто не е на вистинското место во вистинско време. Доцни или никогаш не доаѓа.
Што не се случи по посетата
Од мониторингот на ЦИВИЛ се констатира и дека до моментот на објавување на оваа анализа (19 август 2026), нема нова официјална комуникација од украинското Претседателство или Министерството за надворешни работи што ја коригира, квалификува или дополнително ја објаснува изјавата на Зеленски за Косово.
Официјалната украинска комуникација по 8 август продолжи со други дипломатски, воени и политички теми. На официјалната страница на Претседателството, посетата на Србија останува документирана преку средбите со Вучиќ и српскиот премиер и преку изјавата на прес-конференцијата. И тоа е сѐ.
Украина не треба да избира меѓу Србија и Косово
Оваа анализа не смее да се претвори во аргумент дека Украина треба да ги прекине или да ги намали односите со Србија. Напротив. Украина треба да разговара со Белград. Треба да ја зголемува економската соработка. Треба да го охрабрува секое оддалечување на Србија од Москва. Треба да ја користи секоја можност Србија повеќе да се врзе за Европа. Треба да бара поддршка за сопствената одбрана.
Истовремено, Украина не мора да ја прифати српската интерпретација на Косово за да го направи тоа. Тоа е лажниот избор што треба да се избегне.
Прашањето не е и не треба да биде поврзано со некаков избор за Србија или Косово? Најважното за Украина е да добие одговор на прашањето: Каква политика кон Србија најдобро им служи на украинските стратешки интереси, без да ја поткопува логиката на сопствената борба против руската агресија?
Стратешки рационална политика со ирационална цена на наративите
Тука доаѓаме до прашањето на цената. Украинското приближување кон Србија може да биде стратешки рационално. Но конкретната политичка формулација во Белград може истовремено да има стратешки ирационална цена на наративите.
Двете работи можат да бидат вистинити во исто време. Тоа не е напад врз политичките и дипломатските позиции на Украина. Напротив, токму затоа што украинската борба е толку важна за Европа и целиот демократски свет, нејзините дипломатски пораки мора да бидат анализирани со сериозност.
Украина не се бори само за километри територија. Таа се бори и за принципот дека во XXI век голема држава нема право со воена сила да ја уништи помалата, да ѝ ја окупира територијата, да го протера населението и потоа да прогласи дека освоеното ѝ припаѓа.
Тоа е аргумент што има огромна морална и политичка моќ. Не треба непотребно да се замаглува со дипломатски формули што им дозволуваат на други актери да произведуваат лажни еквиваленции.
Да заклучиме со прашањето за цената на Вучиќ
Посетата на Зеленски во Белград не беше грешка сама по себе. Веројатно беше неопходна. Украина мора да разговара и со тешки партнери, и со неодлучни партнери, и со држави кои не се целосно усогласени со неа.
Но дипломатијата не е само прашање со кого разговараш. Таа е и прашање што му оставаш по разговорот. Вучиќ веднаш почна да ги употребува познатите лажни наративи. Токму тука се гледа цената.
Лавров не мора да каже дека Косово е Крим. Зеленски не рекол дека Косово е Крим. Но Вучиќ создава политички мост меѓу двете теми, а Москва нема никаква причина тој мост да го урне. Напротив.
За Украина, предизвикот е да не дозволи приближувањето кон Вучиќ да стане оддалечување од принципите врз кои Украина ја изгради глобалната солидарност со сопствената борба.
Во дипломатијата, како и во војната, секоја добивка има цена. Прашањето е само кој ја плаќа. И дали цената на Вучиќ на крајот ќе биде повисока од она што Украина навистина го добива за возврат.
© ЦИВИЛ Медиа / Џабир Дерала, 2026. Преземање на оваа содржина е дозволено со јасно наведување на авторот и ЦИВИЛ МЕДИА како извор, со задолжителен активен линк до оригиналната објава. Содржината не смее да се менува на начин што го менува нејзиното значење.













