ЛОНДОН, 7 септември 2026 – Повеќе од 200 учесници во живо и онлајн го следат денешниот настан „Украина и иднината на Европа: Единство, безбедност, демократија“ во Europe House во Лондон, кој обединува парламентарци, новинари и уредници, претставници на граѓанското општество, креатори на јавното мислење и други учесници од повеќе европски земји.
Најмалку 100 учесници се присутни во салата во Europe House, додека повеќе од 100 го следат настанот онлајн, како што беше соопштено во воведното обраќање на Лена Марија Линус, која го отвори настанот.
Во моментот е во тек вториот панел од програмата.
На дискусијата учествуваат парламентарци од Украина, Обединетото Кралство и Европскиот парламент, а разговорите се фокусирани на поддршката за Украина, европската безбедност, парламентарната соработка и демократската отпорност во услови на продолжена руска агресија и засилени безбедносни и хибридни закани кон Европа.
Дискусиите се движат од непосредните предизвици со кои се соочува Украина, вклучително изборните и хуманитарните прашања, до пошироките теми на европската безбедност, демократската отпорност и долгорочната поддршка за Украина.
Посебно внимание се посветува и на улогата на парламентите, граѓанското општество, независните медиуми и демократските мрежи во зајакнувањето на отпорноста кон дезинформации, странско политичко влијание и хибридни операции.
Настанот се одржува во Europe House во Лондон и продолжува до 12:00 часот по британско, односно до 13:00 часот по средноевропско летно време. Организатори се Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Обединетото Кралство, во соработка со Вестминстерската алијанса за Украина и Канцеларијата на Европскиот парламент во Украина.
Вестминстерската алијанса за Украина (WA4U) е водечка програма на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI), кооснована од Новиот европски граѓански форум (NEPF), ЦИВИЛ – Центар за слобода и Media Dialogue / European Youth4Media Network. WA4U ја предводи нејзиниот директор Роџер Касале, а Алијансата ги поврзува парламентарците, граѓанското општество, медиумите и другите демократски актери во поддршката за Украина и посилната демократска соработка низ Европа.
ЦМ Деск
Украина и иднината на Европа: Украински, британски и европски парламентарци се среќаваат во Лондон












