Специјалното Jавно обвинителство до Основниот суд Скопје 1 достави 12 барања за замрзнување на дел од имотот што го поседува партијата ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и новата зграда на партиското седиште.
Како што на вчерашната прес-конференција истакна обвинителката Ленче Ристоска, во секое од поднесените барања, во просек има по три објекти, што значи дека станува збор за замрзнување на голем имот, кој како што покажува досегашната истрага на СЈО, се води на име на партијата, но има докази дека е предмет на кривично дело и јасно се гледа од кои пари е купен имотот.
„Се работи за недвижен имот што е купен во име на партијата, но не се користи за партиски цели. На таквите имоти воопшто не се содржани партиски обележја. Во еден дел се работи за пасишта и ниви. Кој има корист од овој имот ќе биде предмет на истражната постапка“, појасни Ристоска.
Ристоска истакна дека во моментов нема да поднесат барање за изрекување на мерка притвор за лицата кои се товарат дека злоупотребувајќи ја високата позиција во партијата, переле пари и незаконски се стекнале се имот, но доколку има промени на определени околности, ќе биде поднесено и такво барање.
„Во изминатиот период ние бевме сведоци за влијание врз сведоци, особено во случајот ‘Талир’ што беше очигледно и медиумски покриено. Имаме и податоци кои осомничени лица вршеле притисок во тоа време. Доколку тоа се повтори, секако дека веднаш ќе биде побарано определување мерка притвор“ , посочи Ристоска.
СЈО вчера објави три нови случаи „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“, со кои се опфатени повеќе од 15 лица кои буџетот на Република Македонија го оштетиле за повеќе од 160 милиони евра.
М. Т.