Рускиот терор врз цивилите во Украина продолжува. Непрекинатите напади врз Кијив имаат цел да го парализираат главниот град и да го направат неподнослив за живеење и функционирање. И во текот на денот, продолжија нападите, што е тактика воведена од крајот на јули годинава, како што своевремено утврди ЦИВИЛ МЕДИА од лице место.
Агресорот изврши нов напад врз Северниот мост во Кијив, каде што се повредени цивили и оштетена инфраструктура.
Во Суми, нападите со дронови и наведувани авиобомби однесоа човечки живот и погодија склад со лекови, станбени објекти и автомобили.
Кијив: Четврти ден напади врз мостовите
Руски дрон на 4 октомври повторно го погоди коловозот на Северниот мост преку Днипро. Според градоначалникот Виталиј Кличко, повредени се две лица, едното е хоспитализирано, а другото добило медицинска помош на местото на нападот. Ова е четврти последователен ден во кој руските сили ги напаѓаат мостовите во украинскиот главен град.
Оштетен е и магистрален топловод, поради што дел од Десњанскиот реон остана без топла вода. Нападот предизвика пренасочување на јавниот превоз. Подоцна беше обновено движењето на автобусите преку Северниот мост, но со доцнења. Градските власти известија и за паднати остатоци од дрон врз покрив на приватна куќа во Днипровскиот реон.
Суми: Загинат работник, меѓу повредените и дете
Според регионалниот гувернер Олех Хрихоров, во утринските напади во Суми и околината загинал 52-годишен работник, а 16 лица биле повредени, меѓу нив и дете.
Три ударни дронови погодиле склад со медицински препарати, предизвикувајќи голем пожар. Во тој напад загинал работникот, а три лица биле повредени. Уште 13 лица побарале медицинска помош по ударите со наведувани авиобомби, во кои биле оштетени повеќекатници, приватни куќи и автомобили во Суми и Без-дрицьката општина.
Дир: Повеќе од 1.900 дронови, 1.700 авиобомби и 25 ракети за една недела
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X ги истакна размерите на руските напади:
„Оваа недела русите употребија против Украина повеќе од 1900 ударни дронови, 1700 авионски бомби и 25 ракети. Главни цели беа станбените згради и критичната инфраструктура – сè што е дел од секојдневниот живот. Повторно го погодија Северниот мост во Кијив.“
Амбасадорката ја придружи објавата со #RussiaIsATerroristState.
Оваа недела русите употребија против Украина повеќе од 1900 ударни дронови, 1700 авионски бомби и 25 ракети. Главни цели беа станбените згради и критичната инфраструктура – сè што е дел од секојдневниот живот. Повторно го погодија Северниот мост во Кијив. #RussiaIsATerroristState https://t.co/kkseDbn82U
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 4, 2026
Истиот неделен биланс го објави и претседателот Володимир Зеленски, кој наведе дека повеќе од 800 од употребените дронови биле со млазен погон. Тој извести и за напад врз телекомуникациски објект во Днипро.
ЦМ Деск
- Прегледот е подготвен според извештаите достапни во 15 часот по средноевропско време, на 4 октомври. Податоците за нападите, жртвите и штетите се дополнуваат.












