Приштина влезе во 6 октомври по една од најтензичните вечери во последните недели. Протестите против пресудите на Специјализираните совети во Хаг, кои со денови се одржуваа главно мирно, на 5 октомври прераснаа во судири со полицијата пред косовското Собрание.
Истовремено, политичката криза се продлабочи бидејќи токму денес истекува уставниот рок за избор на нов претседател на Косово. Ако Собранието не избере претседател до 6 октомври, според одлуката на Уставниот суд, земјата треба да оди на нови избори во рок од 45 дена.
Протестите ги организираа здруженијата произлезени од ОВК и иницијативата „Не во мое име“, со барање Собранието да ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети. Дел од демонстрантите ја поминаа ноќта пред парламентот, а на 5 октомври влезовите и излезите од институцијата беа блокирани.
Парламентот со 91 глас „за“, без против и воздржани, ги поддржа измените во прво читање. Но иницијативата не стигна до второ, конечно гласање. Демократската партија на Косово, која ја турка законската иницијатива, бараше забрзана постапка, додека Самоопределување инсистираше паралелно да се постигне договор и за изборот на претседател. Средбата меѓу премиерот и лидер на Самоопределување Албин Курти и претседателот на ДПК Бедри Хамза не донесе решение.
Правното прашање за Специјалниот суд практично се спои со борбата околу институционалната контрола. ДПК ја врзува својата поддршка за претседателскиот процес со изгласувањето на измените, додека владејачкото Самоопределување бара прво или истовремено да се затвори претседателското прашање. Така две одделни теми се претворија во еден политички пакет, со улични немири пред Собранието.
Во вечерните часови на 5 октомври ситуацијата ескалираше. Дел од демонстрантите фрлаа пиротехнички средства, шишиња и други предмети кон полицијата и државните институции, а беа запалени и контејнери. Полицијата употреби солзавец и водени топови. Според официјалните податоци, повредени биле шест полициски службеници, 11 граѓани побарале медицинска помош, а тројца демонстранти биле приведени.
Косовската полиција претходно соопшти дека реагирала откако поединци се обидувале да влезат зад оградите на парламентот и фрлале пиротехника кон државните објекти. Организаторите, пак, повикуваа протестот да остане мирен.
Утрово, 6 октомври, во Приштина е тензично. Организацијата на воени ветерани на ОВК ги повика демонстрантите повторно да се соберат во центарот на Приштина, со порака дека „утрото треба да нè најде на плоштадот“.
Од Самоопределување доцна синоќа порачаа дека се подготвени во ист ден да гласаат и за претседател и за измените на Законот за Специјалниот суд. Шефицата на пратеничката група Арберие Нагавци изјави дека тоа може да се направи и на две одделни седници, со цел да се избегнат нови предвремени избори.
Протестите избувнаа по пресудите против поранешниот претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК, кои во септември беа осудени на затворски казни од 13 до 25 години. Пресудите предизвикаа силна реакција во Косово, каде ОВК има централно место во наративот за војната за независност. Предложените законски измени треба да ги ограничат дел од надлежностите на судот, меѓу другото во однос на должината на казните и правните лекови.
Денеска, 6 октомври е двојно критичен ден за Косово. Институциите треба да најдат излез и од спорот околу Специјалниот суд и од блокадата околу претседателот. Неуспехот би значел продолжување на уличните тензии, но и уште еден изборен циклус во земја која веќе подолг период функционира под силен политички притисок.
ЦМ Деск
Фото: JO NË EMRIN TIM
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.



















