Љубомир Костовски
Исполнетоста на телевизиските дневници кај поседниците на национална фреквенција со содржини посветени на неделните избори на градоначалник на Брвеница се навистина фасцинантни. Како да ја потврдуваат тезата дека во Палатата Татарчев владее паника, како што спомена пред некој ден Андреј Жерновски од СДСМ. Секако дека таа траума во посочената зграда настапила по изјавата на Александар Вучиќ дека е „капут“ во неделата во 21.30 часот, со што се означи дека ова е веќе второ дестабилизирање на оската Братислава – Будимпешта – Белград – Скопје – пристаништето Пиреј (во кинеско сопствеништво). Што е многу, многу е.
Веројатно во власта сега се прашуваат – како ли мораше да се повторуваат изборите во Брвеница? Па сега треба да стравуваме од било каков знак дека не сме омилени во народот и токму кога сите медиуми и сите анкетари го тврдат спротивното, си велат штапските аналитичари.
Нивна е секако грешката што повторените избори во една од 80-те општини се подигнува на такво ниво на опседнатост што се ангажираат сите партиски арсенали. И онака претераната присутност на партискиот и владин шеф на малите екрани сега е доведен до апсурд: да може Сител и на местото од рекламите би го ставил Христијан Мицкоски. Тој, пак, се сети на темата на братството и единството да говори сега, кога двете албански партии, се очекува, ги закопале конкурентските секири и дека можеби ќе има некаков, макар и премолчен договор за соработка.
Па во Сител и по тој повод говореше аналитичарот Владимир Божиновски во централните вести на Ѕинговизија пред да настапи изборниот молк и тоа прилично долго, со тезата дека при изборите во конретната општината не треба да се гледа на разликите туку на она што ги врзува, потпирајќи ја, се разбира, вчерашната теза на Мицкоски.
Ама нешто му се испушти – им се закани на приврзаниците на ВЛЕН дека ако победи претставникот на ДУИ во трката за градоначалник, тогаш во Мала Речица може да помислат дека е време на предвремени избори(!).
Уф, ништо од братството и единството. Нека живее коалицијата, која стана видливо после изборите во Србија дека сака да си седи мадро.
За волја на вистината, ако се гледа во фактот дека 54 отсто од гласачкото тело не излегло да гласа и покрај понудата од шест кандидати за градоначалник во првата рунда, тоа сега и не изгледа така лошо! Чувај боже од разбудена гласачка маса.
ТВ Телма испратила новинар кој сега треба да седи во Брвеница и до последните вести, небаре тоа е настан од кого зависи судбината на земјата. Кога Мицкоски и по втор пат беше во ова село, според поставените микрофони пред него, ЗНМ може да одржи и вонредно собрание. Би имало кворум.
Инаку, да не заборавам – не видов на вестите на македонските телевизии изјава на противкандидатот од ДУИ!?
Црвената светилка за ВМРО ДПМНЕ после падот на СНС во Србија е запалена и сега се дува и во јогурт. Видете само како наеднаш се загрижија за студентскиот стандард. А овие, пак, претставниците на студентите кои отсекогаш биле гладни и измрзнати тоа веднаш го искористија и се чини ќе добијат покачување на правото на оброк од 140 на 170 денари! Ако паднат на оваа мизерија од понуда на власта, тогаш навистина не се никакви преговарачи.
Требаше место пари да побараат да јадат барем еднаш неделно во бифето на Владата. Па и она во Собранието не е така лошо. Ова беше историска шанса да сменат нешто во секојдневието.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












