Администрацијата на Доналд Трамп најавува обид за постигнување конечен договор за завршување на војната во Украина, преку трилатерални разговори со Русија и Украина во Абу Даби. Во фокусот на разговорите е и пошироко преуредување на безбедносните односи меѓу Русија и Европа, што предизвикува загриженост кај европските сојузници поради можноста за отстапки кон Москва и промена на постојниот безбедносен поредок.
Според информациите што ги објави Гардијан, разговорите во Абу Даби се најавуваат како први посуштински преговори меѓу Русија и Украина од февруари. Во нив треба да учествуваат и претставници на САД, а паралелно со трилатералните средби се предвидени и консултации со европски делегации од Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Европската Унија.
Вашингтон порачува дека за завршување на војната ќе биде потребно и европско учество. Американски претставници најавуваат дека целта не е само прекин на актуелните воени дејства, туку создавање нова долгорочна безбедносна рамка која би требало да ги намали ризиците од идни конфликти.
Нов безбедносен поредок или отстапки кон Москва?
Една од главните теми на разговорите е можноста за воспоставување нова „долгорочна безбедносна архитектура“ меѓу Русија и Европа. Според американски претставници, во разгледување се механизми за посилни консултации, редовна кризна комуникација, поголема воена транспарентност и реципрочни мерки за намалување на ризикот од ескалација.
Се споменува и можноста за обновување на Советот НАТО–Русија, кој беше суспендиран по руската целосна инвазија врз Украина во 2022 година, како и евентуално укинување на дел од санкциите против Москва во рамки на поширок договор.
Овие најави предизвикуваат загриженост во Европа, особено поради претходните руски барања НАТО да го ограничи своето воено присуство во Источна Европа. Во 2021 година, Москва побара забрана за натамошно проширување на Алијансата, вклучително и со Украина, повлекување на воените сили на НАТО кон позициите од пред 1997 година и ограничувања за распоредување ракети.
НАТО ги отфрли овие барања, а Русија ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Европските претставници стравуваат дека евентуалното прифаќање на дел од руските барања во рамки на новата безбедносна рамка би можело да ја ограничи безбедносната автономија на европските држави и да го зголеми влијанието на Москва во регионот.
Безбедносни гаранции за Украина по моделот на членот 5?
Според американските претставници, во разговорите со Русија била отворена и можноста за безбедносни гаранции за Украина, кои би биле слични на оние предвидени со членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Американскиот предлог, според нивните изјави, би можел да вклучува гаранции од Вашингтон за поддршка на Украина во случај на нов напад. Сепак, конкретните обврски, механизмите за активирање на гаранциите и обемот на воената и финансиската поддршка сè уште не се разјаснети.
Моделот на членот 5 предвидува дека вооружен напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз сите, при што секоја членка презема мерки што ги смета за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила. Тоа не значи автоматска обврска сите членки да одговорат со воена интервенција.
Критичарите на предложениот модел предупредуваат дека без јасно дефинирани услови за активирање, гаранциите би можеле да останат недоволно прецизни, особено во случај на сајбер-напади, хибридни операции и други форми на агресија што не вклучуваат директен воен напад.
Европа бара да биде дел од одлуките
ЕУ инсистира дека не е потребно создавање нов безбедносен поредок што би ги занемарил веќе постојните меѓународни договори и обврски. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 вчера предупреди дека Европа веќе има воспоставена безбедносна архитектура.
„Проблемот е што Русија не ги почитува овие договори“, порача Калас, посочувајќи ги меѓународните обврски за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.
Европските претставници, според Гардијан, сè уште немаат јасна претстава за конкретните американски предлози и се подготвуваат за можноста Вашингтон да побара сериозни отстапки од Москва во рамки на разговорите.
Дополнителна загриженост предизвикуваат изјавите на Трамп дека Украина веројатно ќе мора да отстапи дел од својата територија како дел од конечниот договор. Таквиот пристап отвора прашања за тоа дали мировниот договор ќе ги гарантира украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет или ќе ги легитимира последиците од руската агресија.
Трамп бара договор со пошироки последици
Разговорите во Абу Даби се одржуваат во чувствителен момент за американската надворешна политика. Тие следуваат по заедничките американско-израелски воени напади врз Иран и по меѓуизборите во САД, кои ја ослабнаа домашната политичка позиција на Трамп.
Еден од главните американски преговарачи, Џаред Кушнер, зет на Трамп, најави дека новата рамка треба да овозможи посилни консултации, посигурна кризна комуникација, поголема воена транспарентност и мерки за намалување на ризикот од ескалација, со почитување на суверенитетот и независното одлучување на секоја држава.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, соопшти дека има одреден напредок во дефинирањето на можната безбедносна рамка, но нагласи дека претходно мора да се надмине актуелниот конфликт.
Клучното прашање останува дали новиот американски пристап ќе доведе до одржлив мировен договор со цврсти гаранции за Украина или ќе отвори простор за пошироко договарање со Москва за безбедносната архитектура на Европа, без доволно јасни гаранции за европските држави.
Преговорите во Абу Даби затоа не се однесуваат само на условите за завршување на војната во Украина, туку и на идниот однос на силите во Европа, улогата на НАТО и границите на руското влијание врз европската безбедност.
Б. Ј.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












