ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува бруталното насилство врз младата Сара од Охрид и бара итна, ефективна и целосна институционална реакција.
Девојка е во болница со повреди. Нејзината мајка јавно говори за страв и неизвесност, за закани по живот и за можни обиди за прикривање на нападот. Таа тврди дека осомничениот е пуштен на слобода, додека нејзината ќерка сè уште се лекува.
Овие обвинувања се исклучително сериозни. Институциите немаат право да ги игнорираат, релативизираат или да го сведат случајот на уште една полициска белешка.
Ниту едно презиме, ниту една функција, ниту една партиска книшка и ниту едно познанство со премиер, министер или друг носител на власт не смее да биде дозвола за насилство или гаранција за неказнивост.
Насилството врз жените не е приватна работа. Тоа е прашање на основните човекови права, безбедноста и владеењето на правото. А секој евентуален обид за прикривање на насилството, заплашување на жртвата или влијание врз медицинска документација и докази претставува дополнителен напад врз правдата.
ЦИВИЛ бара од МВР, Јавното обвинителство и сите надлежни институции:
- Веднаш да ја проценат загрозеноста на Сара и да обезбедат ефективни мерки за нејзина заштита од повторно насилство, закани и притисоци.
- Темелно да ги испитаат сите обвинувања изнесени од мајката на жртвата, вклучително и наводите за закани по живот, обиди за прикривање на нападот и можна вмешаност на други лица.
- Да ги проверат тврдењата за евентуални притисоци врз здравствените работници и влијание врз медицинската документација.
- Да ја информираат јавноста за правниот статус на осомничениот и преземените мерки, со целосна заштита на приватноста и достоинството на жртвата.
- Да гарантираат независно и непристрасно постапување, без оглед на семејните, професионалните и политичките врски на лицата што се споменуваат во случајот.
Одговорноста се утврдува во судска постапка. Но заштитата на жртвата не смее да чека судска пресуда.
Презумпцијата на невиност мора да се почитува. Но таа НИКАКО не смее да служи како изговор за институционална пасивност, ниту како причина жртвите да бидат оставени сами со својот страв.
Случајот со Сара мора да биде испитан до крај. Јавноста има право да знае дали институциите постапуваат законито, навремено и еднакво кон сите, особено кога се изнесуваат сомневања за злоупотреба на моќ и политичко влијание.
Државата мора да покаже дека правото на живот, безбедност и достоинство вреди повеќе од моќта на нечие семејство и од политичките врски.
Нема оправдување за насилството. Нема оправдување за неказнивоста. Нема место за институционално молчење кога една жртва живее во страв.
Сара има право на безбедност. Нејзиното семејство има право на одговори. А сите граѓанки и граѓани имаат право на правда што не зависи од презимиња, функции и партиски врски.
ЦИВИЛ – Центар за слобода












