Во Специјалното јавно обвинителство денеска на распит беа повикани да дадат исказ пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот премиер Емил Димитриев. И тројцата се дел од единаесетемина осомничени за случајот „Талир“.
„Осомничена сум за организирање на група за пополнување на уплатници во 2010 година за донирање на средства“, изјави Рангелова, по излегувањето од СЈО.
Таа потврди дека во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар е од 2010 година, но истакна дека не пополнувала, ниту уплаќала уплатници. „Истрагата ќе продолжи и ќе почекаме да заврши постапката“, изјави Рангелова.
Миле Јанакиески и Емил Димитриев дојдоа во СЈО за случајот „Талир”, како обвинети за перење пари и незаконско финансирање на партијата. Тие, по излегувањето од просториите на СЈО, изјавија дека денеска не дале искази, туку побарале увид во доказите, по што ќе се произнесат по кривичните дела за кои ги товарат.
„Продолжува политичката хајка кон функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе пати сум истакнал дека СЈО е во спрега со СДСМ, а еве, и денес, се појавија некои реформатори, вршат политичка хајка. Денес бев повикан како осомничен затоа што сум ставил параф на некој договор. Не е проблем, ќе доаѓаме овде. Но, го повикувам СЈО да почне постапки и против СДСМ“, вели Јанакиески.
Истрагата „Талир“ се однесува на перење на пари, односно на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, при што постои основано сомнение дека во периодот од 2009 до 2015 година, се злоупотребени 4,9 милиони евра! Биле склучени 71 договор за купување недвижен имот, платен од незаконски стекнати пари. Дел од имотот не бил во функција на остварување на целите на партијата и не се користи за партиски цели, и е без партиски обележја.
Денеска во СЈО, беше повикана на разговор и заменик претседателката на Собрание, Фросина Ташевска Ременски за случајот „Таргет“.
„Во СЈО бев повикана во својство на оштетена, односно, за прислушуваните разговори. Мојот телефон и телефонот на мојот сопруг биле прислушувани речиси три години, со што е направена лична штета врз нас“, изјави денеска Ременски.
Таа рече дека во прислушуваните разговори се спомнува аферата „Афис“ и нејзиното разрешување од позицијата продекан на Факултетот за безбедност.
М. Т.