Пратениците на денешната седница треба да ги екипираат собраниските тела и органи, на што претходи усвојување на предлог-одлуката за избор на претседатели, заменици и членови на собраниските комисии, потпишана од Илија Димовски, претседател на парламентарната Kомисија за избори и именувања.
Според предлог-одлуката, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе застанат на чело на девет собраниски работни тела, СДСМ ќе раководи со седум, а пратениците од ДУИ ќе бидат претседатели на четири собраниски комисии.
Антонио Милошоски ќе биде претседател на Комисијата за надворешна политика, Влатко Ѓорчев – за труд и социјала, Лилјана Кузмановска – за финансирање и буџет, Лилјана Затуроска – за транспорт и врски, Даниела Рангелова – за еднакви можности на жените и мажите и Љупчо Димовски – за земјоделство.
Покрај овие комисии, ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со комисиите за надзор над работата на УБК и АР и за надзор над спроведувањето на посебни истражни мерки за следење на комуникациите од МВР, МО, Управата за финансиска полиција и Царинската управа, со кои ќе претседаваат Трајко Велјановски и Емил Димитриев.
Пратениците Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски од ВМРО0-ДПМНЕ се предложени да бидат членови на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Нивното членство во овие комисии е спорно, затоа што и двајцата, според снимките од видео-надзорот, на 27 април им помогнаа на дел од демонстрантите да влезат во Собранието. Поради ова, постои можност тие да се соочат со кривични пријави. За ова да се реализира, треба да им се одземе пратеничкиот мандат, а комисијата надлежна за тоа е истата во која самите тие членуваат?!
Од редовите на СДСМ, со Комисијата за мандатно-имунитетни прашања ќе раководи Павле Богоевски, со Комисијата за одбрана и безбедност – Максим Димитриевски, за економски прашања – Горан Милевски и за култура – Ирена Стефоска. Пратениците Петре Шилегов, Александар Кирацовски и Петар Атанасов од СДСМ ќе раководат и со претходно формираните, Законодавно-правната комисија и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и за образование и наука.
ДУИ ќе застане на чело со комисиите за уставни прашања, за европски прашања, за локална самоуправа и за здравство со кои ќе раководат Талат Џафери, Артан Груби, Џевад Адеми и Мирсада Емини – Асани.