Не се одржа судењето за насилството во Општина Центар, што го отвори СЈО, во јавноста познат како „Шамарите за Жерновски“. Списите од предметот не биле вратени од Апелациониот суд, каде требало да се одлучува за жалбите на обвинителките од СЈО, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, за паричните казни изречени на претходно рочиште. Поради судир на надлежности меѓу Кривичниот суд и Апелациониот суд, околу тоа кој ќе одлучува по жалбите на обвинителките, Апелациониот го препратил предметот во Врховниот суд.
Судијката Татјана Михајлова денеска не одговорила зошто предметот е испратен во повисокиот суд, а не само записникот од рочиштето и го презакажа судењето за 28 септември.
Во Основниот суд Скопје 1, денеска се појавија првообвинетите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
На рочиштето присустуваше и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, еден од оштетените во случајот.
Насилството во Општина Центар се случи во 2013 година, кога група граѓани се собраа пред општинската зграда, за да ја „одбранат“ изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“ во Скопје. Во случајот се обвинети 14 лица.
Во аудио материјалот од аферата „Прислушување“ што ја отвори сегашниот премиер, Зоран Заев, се слушаат разговори, во кои Груевски, како тогашен премиер, нарачува шлаканици.