Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, 4 септември, престојува во официјална посета на Украина, каде во Кијив се сретна со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига.
Во фокусот на разговорите беа билатералните односи, поддршката за одбранбените способности и енергетската отпорност на Украина, европската интеграција на двете земји, одговорноста за руската агресија, санкциите против Русија и учеството на Северна Македонија во обновата на Украина.
Сибига соопшти дека го информирал Муцунски за состојбата на бојното поле и за интензивираните руски напади врз украинските градови, особено врз Кијив.
It was a pleasure to welcome my colleague and friend, North Macedonia’s Minister of Foreign Affairs and Foreign Trade @TimcoMucunski, to Kyiv.
We held substantive talks on our bilateral agenda, with a particular focus on strengthening Ukraine’s defence capabilities and energy… pic.twitter.com/ogxnX4zLFu
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) September 4, 2026
Украинскиот шеф на дипломатијата ѝ се заблагодари на Северна Македонија за поддршката што ѝ ја дава на Украина, посочувајќи дека земјата од почетокот на руската целосна инвазија во 2022 година обезбедила 13 пакети воена помош. Тој го истакна и учеството на Северна Македонија во иницијативата PURL и во Коалицијата на подготвените.
Двајцата министри, според Сибига, се согласиле и за потребата од натамошно зголемување на санкцискиот притисок врз Русија.
Посебен дел од разговорите бил посветен на европската интеграција.
„Украина и Северна Македонија не се конкуренти на овој пат. Можеме да се поддржуваме меѓусебно, да споделуваме искуства и заедно да одиме напред“, порача Сибига.
Тој ја истакна и поддршката на Северна Македонија за меѓународните механизми за утврдување одговорност за руската агресија врз Украина. Сибига го наведе учеството на земјата во Основната група за формирање Специјален трибунал за злосторството агресија против Украина, потпишувањето на Конвенцијата за воспоставување Меѓународна комисија за побарувања за Украина, како и подготвеноста за приклучување кон договорот што овозможува функционирање на Специјалниот трибунал.
Меѓународната комисија за побарувања е дел од механизмот воспоставен во рамките на Советот на Европа за разгледување и утврдување на побарувања за штети, загуби и повреди предизвикани од меѓународно противправните дејства на Руската Федерација во или против Украина.
Сибига и Муцунски разговарале и за соработката во Обединетите нации, ОБСЕ и Организацијата за забрана на хемиското оружје, како и за поддршката на Северна Македонија за украинските иницијативи во меѓународните форуми.
Во делот посветен на обновата на Украина, Сибига се заблагодари за назначувањето специјален претставник на Северна Македонија за повоената реконструкција на Украина и изрази надеж дека оваа определба ќе биде преточена во конкретна практична соработка.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје соопштија дека Муцунски ја потврдил „цврстата и континуирана поддршка за Украина“, како и принципиелната позиција за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународното право.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила“, изјави Муцунски, според соопштението на Министерството.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, која беше во Кијив за време на посетата, ја оцени посетата како важна порака на солидарност во момент кога украинската престолнина е изложена на засилени руски напади.
„Ми претставува задоволство заедно со министерот за надворешни работи на 🇺🇦 Андриј Сибига да го пречекам во Кијив министерот за надворешни работи и надворешна трговија на 🇲🇰 Тимчо Муцунски. Посетата во услови на засилени напади на рф врз Кијив е важен израз на солидарност и поддршка“, напиша Дир на Икс.
Ми претставува задоволство заедно со Министерот за надворешни работи на🇺🇦 Aндриј Сибига да го пречекам во Кијив Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на🇲🇰 Тимчо Муцунски. Посетата во услови на засилени напади на рф врз Кијив е важен израз на солидарност и поддршка pic.twitter.com/lGKsp6wG2T
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 4, 2026
Во рамките на посетата, Муцунски се сретна и со првиот заменик-претседател на Врховната рада на Украина, Олександр Корниенко. Муцунски и Сибига положија и цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина во Кијив.
Б. Ј.












