На синоќешната седница на Владата е усвоен Законот за употреба на јазиците, а откако ќе се усвои и во Собранието, ќе биде доставен и до Венецијанската комисија која ќе треба да даде мислење за пакетот законски решенија, заедно со отворените прашања кои не се дел од него.
Во јавноста веќе излегоа информации дека со законот не се опфатени двојазичните банкноти, амблемите на војската и двојазичните хартии од вредност, туку за нив ќе одлучува Венецијанската комисија, по што ќе бидат внесени во понатамошната фаза, доколку комисијата одлучи позитивно.
Во Предлог-законот, општините каде што Албанците се над 20%, униформите на полицијата, пожарникарите и здравствoто ќе бидат и на албански јазик.
И покрај несогласувањата на релација СДСМ – ДУИ, решението ќе биде пуштено во целост на Венецијанската комисија, Владата се обврзала да ги почитува нејзините препораки. Тоа, Владата го предвиде и во планот 3-6-9.
ДУИ до одлуката на Владата, тврдеше дека во Законот ќе има одредба и за двојазични банкноти и амблеми на униформите на војската и полицијата, нешто за кое премиерот Заев уште како лидер на опозиција се изјасни дека е противуставно. На банкнотите ќе има елементи од културата на Албанците, но не и текст на албански јазик.
Меѓу првите реакции, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, на својот Фејсбук профил напиша: „Најавен под градскиот часовник во Прилеп, напишан во Тирана, изгласан во Скопје, вечерва на Влада! Нова историја, нов јазик и нов живот!“
Пратеникот Антонијо Милошоски на својот фејсбук профил напиша: „Заев ја тера ‘платформата’ со Законот за двојазична Македонија (член 1). Двојазично од Вевчани до Делчево, од Гевгелија до Прилеп, од Битола до Крива Паланка, од Охрид до Струмица, од Штип до Демир Хисар, од Кавадарци до Ресен, од Неготино до Ранковце!“.
М. И.