Специјалното јавно обвинителство по два месеца преписки со Кривичниот суд, повторно ќе побара замрзнување на имотот – т.н. Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на истрагата за предметот „Талир“, пренесе ТВ 24 од извори во СЈО.
СЈО на Врховните судии им образложило дека Кривичниот суд не постапил законски кога донел одлука дека Обвинителството не понудило докази оти имотот на ВМРО-ДПМНЕ е стекнат на незаконски начин, ниту пак, ја утврдиле врската на партијата со компанијата „Бетон“ АД Скопје, која според СЈО е спорна.
„Специјалното јавно обвинителство очекува Врховниот суд да го прифати Барањето за заштита на законитоста и предметот да го врати на повторно одлучување, и со тоа, очекуваме имотот на посочената партија да биде обезбеден“, велат од СЈО.
Случајот „Талир“, како што посочи и Катица Јанева, е најобемната финансиска истрага која го опфаќа врвот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на партијата, Никола Груевски.
Според истрагата, постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, му биле добро познати законските ограничувања, тој сепак, во периодот од 2009 до крајот на 2015, овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби. И покрај истекот на рокот, во кој Јанева можеше да поднесува обвиненија, таа истакна дека нема да се откаже и докрај ќе го истражи овој случај.