Напад врз градоначалникот и актуелен пратеник од Сојузот на Роми на Македонија, Елвис Бајрам и шефoт на неговиот кабинет, Аднан Мемет синоќа. А, пред неколку дена, со огнено оружје беше повреден Алит Абази, носителот на советничката листа од Кичево. Овие инциденти изминативе 8 дена ставија неизбришани траги врз изборната кампања, за нова локална власт, која што требаше да биде мирна, фер и демократска. Впрочем пред почетокот на кампањата, политичките партии и ривали за градоначалничката функција си подадоа рака и потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Полицијата има круцијална улога во расветлување на случаите, коишто според познавачите на приликите имаат друга, но не политичка позадина. Ама, факт е дека политичарите се мета на напаѓачите. А, за насилството нема оправдување.
СДСМ која што ја предводи коалицијата што ќе донесе живот во Македонија, синоќа од Велес го најави новото сонце и тоа со ред комунални проекти, ред економски, ред еколошки.
ВМРО-ДПМНЕ која што ја предводи коалицијата што ќе донесе нова ера, по 12 години руинирање на целиот систем, од Кичево синоќа вети нови проекти за развој.
Лидерот Никола Груевски, којшто владееше со своите братучеди, кумови, пријатели … и којшто допрва треба да седне на обвинителна клупа за многу кривични дела, кои му се товарат од СЈО, сега ја обвини новата Влада за „непотизам и тендери за лично богатење“.
На локално ниво, кандидатите за градоначалници, кои што носат „живот“ и „нова ера“, се следат до таа мера, што почнаа да си ги копираат проектите.
Граѓан(к)ите пак ги следат будно и едните и другите и третите … А, на медиумските дебати, доаѓаат сите, освен кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ. Пред народот имаат храброст да продолжат со популизмот, ама пред камерите -не!
Од друга страна, на изборната кампања не останаа имуни ниту некои духовни „учители“. Па ѝзабележуваат на СДСМ, дека со неуставни еднојазични, изборни плакати (само со албанско писмо и порака) ја води кампањата во општина Арачиново, каде за свој кандидат за градоначалник, ја избра Миликије Халими.
Изборната кампања продолжува. Од град во град, врата до врата, од едно до друго маало, се носат запалки, маици, кафе, навивачки балони, пенкала, торбички … како засилување на изборната програма. Со силен стисок на раката, сега се ветува сѐ … „нова ера“, „нов живот“ … сѐ само, Македонија „вечна“ да е!!!
Моника Талеска