Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, заклучно со 25 октомври, поднела десет барања за прекршочни постапки против радиодифузерите, согласно Изборниот законик.
Против ТВ Алфа поднесени се две прекршочни пријави за неизбалансирано покривање на локалните избори во две изданија на вестите и за емитување прилози со резултати од испитувањето на јавното мислење, поврзано со учесниците во изборниот процес, на 10-ти и 11-ти октомври 2017 година, по истекот на законски пропишаниот рок за тоа, најдоцна 5 дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот круг на гласање, односно 9 октомври.
Со прекршочна пријава за одвоени повеќе од 8 минути платено политичко рекламирање за политичките партии во опозиција, на 28 септември и на 1 октомври, се здоби и Телевизија Нова. Основниот суд Скопје 1 им изрекол прекршочна санкција – глоба од 4.000 евра за радиодифузерот и 1.200 евра за одговорното лице.
На 1 октомври 2017 година, ТВ „24 Вести“ емитувала прилог со резултати од испитување на јавното мислење, поврзано со учесниците во изборниот процес за локалните избори, без да ги наведе податоците за веродостојноста на испитувањето, односно за: нарачателот на испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.
Согласно член член 77 став 2 од Изборниот законик, АВМУ поднела барање за прекршочна постапка.
На листата на АВМУ за кршење на Изборниот законик, во делот предвиден за радиодифузерите и медиумското покривање на локалните избори, се најде и ТВ Алсат-М која на 26 и на 28 септември, на еден реален час емитувана програма, одвоила повеќе од една минута платено политичко рекламирање за политичките партии во Собранието што немаат пратеничка група.
За потсетување, според Изборниот законик, за време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите, можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои – за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група, можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија, можат да одвојат една минута.
Мониторингот на медиумското покривање на изборна кампања на АВМУ ќе заврши 24 часа пред денот на гласањето, со што ќе започне мониторирањето на изборниот молк, кое ќе трае до 19 часот на денот на гласањето.
Б. Ј.