Облачно време, ситен дожд, калливи и искршени улички, паднати лисја по улиците, гужва во сообраќајот…, ваква е атмосферата во Чаир на само четири дена до одржување на третиот круг на гласање за локални избори. Битката за градоначалник се води помеѓу кандидатите Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибрахими од Беса.
Екипата на ЦИВИЛ беше во едно од чаирските маала и неколку часа се дружеше со граѓан(к)ите кои во недела, на 12 ноември, ќе одлучуваат кој ќе биде градоначалник на Чаир во следните 4 години. Во близина на основното училиште „Иднина“, на избирачкото место 2901, покрај неколкуте чајџилници, се наоѓа и едно кафуле кое важи за збирно место на активистите и симпатизерите на ДУИ. Во чајџилниците е мирно и не се разговара за политика: „Кој сака да зборува и да ја промовира политичка агенда нека оди во политичките штабови“, велат неколкумина чаирчани со кои разговаравме.
Освен неколку постери на Зекирија Ибрахими, не забележавме штабови на ДУИ и Беса. Инаку во Чаир, партиските обележја се уште стојат на штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, коишто се наоѓаат во непосредна близина еден до друг.
Во тоа маало живеат луѓе од сите етнички заедници, и во разговор со еден од жителите, го дознавме и следново: „Oколу 400 Македонци имаат право на глас, во овој случај тие имаат одлучувачка улога да одберат кој ќе биде татко на општината“.
Интересно е што во тоа маало има две џамии, во едната одат верниците на ДУИ, а во другата џамија одат верниците на Беса. „Политиката е навлезена дури и во религијата, верниците се делат според партиска книшка!“, велат чаирчани.
На партиските активисти им останаа уште два дена да ги убедат гласачите да гласаат за нивниот кандидат, бидејќи во петок на полноќ настапува изборниот молк. Во претходните два изборни круга, ЦИВИЛ регистрираше низа на прекршувања. Во недела, на 12 ноември, екипата на ЦИВИЛ, третиот круг од локалните избори во Чаир, ќе го набљудува од чајџилница којашто се наоѓа во близина на избирачкото место во О.У. „Иднина“.
Дехран Муратов