Претседателот на Европска комисија Жан Клод Јункер од 25 февруари до 1 март ќе ги посети земјите од Западен Балкан, јави српската новинска агенција ТАНЈУГ, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Како што пренесува МИА, посетата на претседателот на Западен Балкан е најавена уште минатата година.
По посетата на комесарот за проширување на Европска унија Јоханес Хан, кој вчера беше во Србија, а денеска во Црна Гора, во земјите од Западен Балкан доаѓа и Јункер. Неговата посета се толкува како дел од напорите на ЕУ за промоција и поддршка на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
Европските претставници повеќе пати досега нагласија дека 2018 година ќе биде клучна, посебно првите шест месеци за проширувањето на ЕУ и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
По усвојување на новата Стратегија за проширување и посетата на еврокомесарот Хан и претседателот на ЕК Јункер, се очекува во април ЕК да усвои пакет за проширување односно извештај за напредокот на сите земји кои се наоѓаат во процесот на проширување. Во мај е планиран самит на ЕУ и Западен Балкан во Софија.
Во јуни е предвидено Европскиот совет да ги усвои заклучоците за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.