Продолжува сеењето омраза и клевети по социјалните медиуми. Најнов продукт на црната кампања е една Фејсбук страница која има цел да ги оцрни долго очекуваните активности на преиспитување на озлогласениот проект Скопје 2014, кои ги започна Министерството за култура.
Не е потребно посебно задлабочување во содржината и пораките на оваа Фејсбук страница, чии креатори, на самиот почеток го кршат законот. Тие, во духот на добро познатите валкани походи какви што со години гледаме на Сител, Канал 5, Нова, Курир, Република и низа други, објавуваат фотографии на функционери и вработени во Министерството за култура. Од овие содржини, ја издвојуваме онаа на која е објавена приватна фотографија на Петрит Сарачини, новинар, уметник и активист, а сега и советник на Министерот за култура, заедно со неговата сопруга, која не е јавна личност. Најмалку што може да се каже во врска со тоа е дека е повреда на приватноста на лице кое нема врска со политиките на министерството, односно не е јавна личност.
„Да ви претставам нова страница на омразата посветена на Министерството за култура. Се вика Некултура, соссем соодветно име за ниетот и соодржината. На неа има моја и слика на мојата сопруга, која не е јавна личност. Има и гнасни лаги на наша адреса. Веројатно тоа е дел од поимањето на слободата на говорот на некои фашисти, пардон, легалисти“, напиша Сарачини на својот Фејсбук профил како одговор на споделента фотографија на страницата „Некултура“.
Старите навики тешко умираат. И претставници на ЦИВИЛ и низа други невладини организации беа мета на говор на омраза, кога на споменатите медиуми имаше континуирани повици на линч и егзекуција, а беа објавувани и скенови од лични документи, фотографии од семејствата на независни интелектуалци и што уште не. Тие поминаа неказнето, законот не важеше за нив ни за време на режимот, а очигледно не важи ни денес.
Биљана Јордановска