Уметничкиот настан „Акустик електроникс“, како дел од Фестивалот за современа музика МОДОАРС, ќе се одржи на 12 април, во клубот „Станица 26“, со почеток од 22 часот и ќе биде одбележан со концерт на Ема Попивода на пијано и Александар Петров на тапани.
Ќе настапат со композиции на теми од познати електронски хитови низ историјата на електронската музика.
Acoustic electronics е оригинален музички перформанс во кој најпознатите епски електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано и тапан.
Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Повеќе од 10 години, Ема како основач и уметничи селектор, раководи со Фестивалот за современа музика Модоарс, во чии рамки настапувале врвни уметници од целиот свет. Ема Попивода е претставник на Македонија како член на светската лидерска мрежа “Global bridges”.
Александар Петров ги завршува студиите по перкусии на престижниот Музички Конзерваториум во Париз. Потоа целосно се посветува на музичкиот македонски инструмент – тапан, со чии настапи низ светот зборува за својата земја и својот идентитет. Александар Петров на македонската музичка публика и е познат најмногу по извонредните концерти што ги одржа со квартетот „Баце", во кој членуваат и Васил Хаџиманов на клавијатури, Теодосиј Спасов на кавал и Башар Калифе на перкусии.
Картите за настанот во претпродажба се 300 денари.
А.П.