Сојузна Република Германија продолжува со континуираната поддршка на патот на Република Македонија кон евроатлантските интеграции, потенцираше германската амбасадорка во Република Македонија, Кристине Д. Алтхаузер на средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.
Амбасадорката упати честитки до претседателот Џафери за неговиот избор, и истакна дека пред новиот собраниски состав стојат многу важни задачи и дека функцијата претседател на Собранието има клучна улога.
Претседателот Џафери ја информираше амбасадорката за тековните собраниски активности и истакна дека во следниот период пратениците ќе бидат фокусирани на подигнување на рејтингот на Собранието како вистински сервис на граѓаните, и на отвореноста на институцијата.
По одржувањето на германските парламентарни избори, се очекува и интензивирање на контактите меѓу пратениците на двете држави, на ниво на групи за соработка и работни тела.
Амбасадорката додаде дека и по завршувањето на нејзиниот мандат, ќе продолжи со голем интерес да ги следи случувањата во Република Македонија.