Пред утрешната посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, дел од амбасадорите во Македонија, ги истакнаа своите очекувања за формирање на нова влада, како единствен начин, земјата да се врати на патот кон Европската унија и НАТО.
Австриската амбасадорка Ренате Коблер, изјави дека одолговлекувањето на составување на влада ќе се рефлектира врз сите сфери во општеството.
„Се надевам дека наскоро ќе дојде до создавање на нова влада. Во секоја смисла, за една земја не е добро кога формирање на влада трае многу долго, тоа има влијание врз сите институции во целата земја… Наскоро се надевам дека ќе почнат да фунцкионираат институциите – владата, Собранието, институциите на локално ниво, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните на оваа земја“, изјави австриската амбасадорка, Коблер.
За францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, сите пријатели на Македонија, меѓу кои е и Франција, очекуваат силна и единствена Македонија.
„Има економски и политички предизвици и секој очекува една силна Македонија, Македонија која ќе биде почитувана со нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и нејзиното единство. Македонија треба да остане на патот кон ЕУ и НАТО и за тоа е потребна одговорна влада што ќе биде способна да донесува одлуки и реформи и политичари со чувство за општ интерес на земјата“, смета Тимоние.
И на минатонеделната средба со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на која се разговарало за справување со предизвиците во сферата на медиумите, амбасадорот Тимоние потецираше дека со посебно внимание ја следи политичката криза и дека очекува брзо решавање на проблемите во Македонија.