Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ ќе биде отворена во вторник, 27 март, во 18 часот во Дом на култура „25 Mај“ во Валандово. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 10 април, а влезот е бесплатен, соопштуваат од Младински образовен форум.
Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели, преведени на македонски и албански јазик, кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.
„Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк. До сега, изложбата беше поставена во 15 градови во државата, а ја посетиле повеќе од 16 илјади млади“, велат од МОФ.
На отварањето ќе се обрати и градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов.
Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.
Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.
Д.М.