Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор, доктор на науки за ЦИВИЛ Медиа говори за влијанието на лажните вести врз општеството, кој ги продуцира, која е целната група, и како тоа функционира и во услови на војна.
Голем елемент на лажни вести во Македонија е партиското политичкото дејствување, кое смета дека може своите цели – да дојде на власт, општата цел, дека може да ја оствари со тоа што низ медиумскиот простор ќе пушта вести што им носат гласови. И тука не се селектира што е лажно и што не е лажно, се пласираат и лажни вести, посочува Андревски.
Втор елемент од аспектите е делот каде што еден дел од медиумите се вклопуваат во меѓународни мрежи кои произведуваат лажни вести. Тие механички ги преземаат, нема да кажувам имиња, но читам неколку текстови и си велам колку знаење е овде вградено… За по два дена да видам дека „Спутник“ го објавил тоа пред пет дена, и овие нашиве пријатели новинари го презеле, внеле шест седум свои зборчиња најчесто уличарски и улични, и публиката, која нели не може да бара Спутник и други, го чита.
Андревски вели дека општеството во земјава сепак не го достигнала нивото на распознавање на вистинските од лажните вести.
Општеството во Македонија, за жал не стигнало до тоа историско ниво да се знае дека кога се зборува вистината, е најдобро. Помала штета е ако им се каже вистината која не им се допаѓа на луѓето, отколку се манипулира. Ние сме малку-бројно општество, за пет минути во Битола можам да ја проверам, исто како во Скопје, иста вест, дали на прес конференција тој вистина го кажал тоа, или едните извлекле едно, а другите друго, или кога му крадат еден збор на човекот, и смислата се губи.
Јас имав обичај да кажам дека Кока кола, освен пијалак, произведува и реклами. Паралелна индустрија. Секоја војна паралелно произведува пропагандна војна. Тоа е составен дел, само што ваму има воени дејствија, топови, тенкови, бомби, уривања, убиства, а ваму информации, дезинформации, нагласувања, специфичности, а целната група е целиот свет. Преку интернет, тоа стигнува до сите структури, вели Андревски.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети