Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас ќе дојде во Македонија на крајот на август, најави македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов, во интервју за грчки портал, во пресрет на посетата на медијаторот на ОН, Метју Нимиц на Македонија.
Според оценките на Ангелов изнесени во интервјуто, односите со Грција се приоритет за македонската Влада. Билатералните контакти во иднина ќе бидат интензивирани и зајакнати и во квалитет.
„Итноста за наше членство во НАТО доаѓа од фактот што ги исполнивме условите за членство, особено оние што се поврзани со техничките, воени критериуми. Следната година ќе бидат десет години, откако сме во ова лимбо. Сепак, нашето членство во НАТО е прашање на политиката за поширокиот регион, политиката на стабилизација и испраќање силен сигнал за сите во регионот и пошироко дека Балканот е тука за да биде и да остане стабилен. Затоа, ние веруваме дека нашето членство во НАТО, требаше да се случи одамна, не само за наше добро, туку и во интерес на просперитетот на регионот. Јас би се осмелил да кажам и за доброто на интересите на Грција“, изјавил Ангелов.