Со позната иконографија, развеани знамиња на Вергина, поголема група граѓанки и граѓани вечерва (15 август) одржа протест од 19 до нешто пред 21 часот, против дополнителните мерки за заштита од Ковид-19, кои во сила стапуваат утре (16 август). Протестот започна пред парламентот, а заврши пред владата. На протестот учествуваа и сопственици и менаџери на угостителски објекти.
Нејасно е кој точно е организатор на овие „спонтани“ протести, а нејасна беше и агендата. Од снимките во живо можеше да се забележи дека најголем дел од учесниците во протестот не се придржуваат кон мерките за претпазливост од Ковид-19.
Најчесто повторуваните пораки на протестот и транспарентите беа „Стоп за присилната вакцинација“, „Мое тело мој избор“, „Господ е со нас“, „Стоп вакцини, стоп фашизам“, но не изостана ни скандирањето „Никогаш Северна, само Македонија“. Во говорите и во паролите се бележи и говор на омразата, закани, навреди и вулгарен речник.
Се бараше оставка од Министерот за здравство, Венко Филипче. Пред парламентот, редоследот на говорници не беше утврден, па настана и малку комичен натпревар кој колку ќе зборува.
Момчето кое зборуваше на почетокот на протестот се обидуваше да ги „хипнотизира“ присутните, повторувајќи многу пати дека луѓето треба да се освестат.
Потоа, една госпоѓа во зелено, со знамето со ѕвездата од Вергина, долго време зборуваше за страшниот светски заговор, нагласувајќи: „Од утре ние ќе си одиме по кафанчиња“, но повика и на вандализам, да се кинат плакатите со повици и упатства за вакцинација и придржување кон мерките за заштита од Ковид-19. Не испушти да каже и дека „Господ мисли на сè“.
Впрочем, во текот на целиот простор, еден од најспоменуваните, освен Филипче, беше Господ.
Гордана Гоџо која е веќе позната како застапничка на теориите на заговорот го одржа својот вообичаен говор. Таа посебно ги нападна новинарите, придружена од извиците „Платени новинари“.
Микрофонот го грабна и еден млад билдер со бела маичка кој вети дека ќе зборува многу кратко. На маичката имаше американско знаме на едното рамо, знамето со Вергина на другото рамо, а на градите, под очилата за сонце, го имаше знакот Q на движењето КјуАнон, чии американски членови го нападнаа американскиот Капитол на 6 јануари 2021. Тој говореше најдолго, викаше до зарипнување и пискање, на општо незадоволство на оние околу него кои беа желни да дојдат до микрофонот.
Сите заедно многу говореа за светскиот заговор, дека дојде времето да се спротивстават на светските моќници и дека заканата од вирусот не е вистинска.
Пред владата, дел од учесниците ги запалија маските. Од протестот беше најавен нов протест, уште утре (16 август) со почеток во 19 часот, на истото место.
Д. Мишев, Џ. Дерала