Специјалното јавно обвинителство денеска поднесе Барање за изземање на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски. Од Обвинителството велат дека барањето е поднесено поради тоа што претседателот на овој Суд е опфатен во јавно објавените телефонски разговори и тоа во перидод кога, исто така, ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.
„Со овој писмен поднесок барам иземање на Претседателот на Врховниот суд, судијата Јово Вангеловски, поради постоење околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност што е причина за иземање на судијата врз основа на член 33 став 2 од Законот за кривична постапка (Сл. Весник 150/10)“, се вели во барањето поднесено денеска.
Во согласност со препораките на Европскиот суд за човекови права, непристрасноста на судот е една од основните гаранции на правото на правично судење, така што, секое сомнение за пристрасност треба да биде отстрането, смета Специјалното јавно обвинителство.