CivilFest
Categories

ЕКОНОМИЈА Апликацијата „Граѓански буџет“ достапна за граѓаните

Веб апликацијата за „Граѓански буџет“, на која ќе бидат прикажани приходите и расходите на буџетот, е достапна на македонски, албански и англиски јазик.

Од Министерство за финансии велат дека на овој начин сакаат да го поедностават Буџетот на РМ и да го доближат до граѓаните. Апликацијата има и објаснувања што претставуваат одделните ставки, што ја прави лесна за користење. За да се добие појасна слика, апликацијата дава можност да се направи споредба помеѓу буџетите од различни години.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција на која беше претставена апликацијата, изјави дека на овој начин се подобрува информираноста на граѓаните за Буџетот, а со тоа се зголемува и нивната контрола врз управувањето со јавните финансии

„Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење“, изјави Тевдовски.

Апликацијата не се однесува само на еден буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци за новите буџети.

А. П. 

Print Friendly, PDF & Email