Социјалните служби на нашата мала и мила Република, земале мало сиромашно девојче – Ромка под нивна заштита поради питачење. Девојчето тогаш имало 5 години, а сега има 13 години. На 13 години, како штитеничка на ЈУ Заводот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, после којзнае колку пати силувања, забременила и абортирала.
Го читав соопштението на Министерството за труд и социјална политика. Во насока на заштита на интересите и правата на детето, се воздржуваат од споделување детали за случајот. Истото Министерство коешто, во најмала рака, беше неспособно да го заштити детето физички и психички, за што треба да носи одговорност.
Иако е штитеничка на тој Завод, штом СИЛУВАЊАТА се случиле надвор од Заводот –Министерството тоа фино лепо го нарекува еуфемистички „сексуално експлоатирање“, така што за Министерството тука нема причина за барање одговорност кај институцијата. Пријавиле во МВР, и – замислете – министерството кое животот на тоа мало девојче го уништило од нејзината 5 година од животот, и обезбедува неопходна психо-социјална поддршка.
За да биде апсурдот поголем, од Министерството демантираат дека детето било одземено поради сиромаштија, туку поради – меѓу другото – питачење. Како да питачела од хоби. Како да питачат и богатите. Безобразен, суров и идиотски демант.
Во меѓувреме, МВР ќе тераат со нивните „понатамошни постапки“, Заводите во кои се „штитаат“ децата ќе функционираат како што функционирале до сега, без кој било од нив да одговара за било што, и Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со походот на донесување живот на сите преку прогресивна транспаретност и легалистички политики – се според законот. И никому ништо.
И никако да разбереме дека државата постои за граѓаните и граѓанките – дури и за сиромашните маргинализирани Роми кои често се невидливи. Ако не е способна да ги штити и заштити од сиромаштија, глад, и ред други насилства вклучувајќи и силувања, би било подобро да не постои воопшто, или барем воопшто да не се меша.
И да не се правиме луди, доколку малечката силувана Ромка беше Албанка или Македонка, реакциите од сите ќе беа многу поразлични. Затоа што Републикава во обид, е една збирштина од народи со племенски менталитет коишто имаат очи и сочувство само за своите жртви, а злосторствата врз другите – се небитни. Одвратно.