Македонија се освестува, бавно, со голема доза на скриен самопрекор и неверување во своите очи и уши. Велам Македонија, затоа што сакам да ги опфатам сите нејзини жители без исклучоци. Малку засрамени од своите убедувања и категорички тврдења дека овој или оној е најдоброто нешто што ни се случило до сега, но сè уште тоа јавно не се изразува, барем не до таа мера до којашто луѓето длабоко во себе веќе знаат, но тешко им е да си признаат на себе, па потоа и јавно да се изразат.
Нема да ви кажам кој е овој или оној, секој си има по еден примерок за идеализирање па според тоа секој ќе си знае во кого тоа полека почнува да се разочарува. А нели, велат, се разочаруваш кога имаш очекувања. И јас велам така некако, но и дека не можеш да очекуваш од некого нешто доколку тој некој не ти се прикажал како спасител, вистинска личност во вистинско време, вистински загрижен и вистински, од и со срце ќе не оправи – во нашиот општествено политички очај.
Сакам да кажам, не плашете се да си го искажете своето незадоволство од општата состојба, нормално, доколку сте незадоволни. Исто како што знаете гласно да воздигнувате и да оддавате признанија кога за тоа мислите дека има причина. Секогаш ќе има некој што ќе ве гледа „криво“, ќе ве озборува зад грб, ќе ви се потсмева на ревноста, секогаш ќе има луѓе што длабоко ќе се иритираат од вашите јавно искажани грижи, ставови или укажувања. И речиси секогаш, луѓето што ќе ве презираат, во некој свој изолиран универзум кадешто никој нема да ги слушне, си ги повторуваат речиси истите работи од коишто се згрозуваат кога вие јавно ќе ги искажете. Затоа што немаат храброст да истапат, немаат доволна мотивираност, или имаат доволна мотивираност од друг вид. Но никако нема да признаат дека во вашите зборови има ред вистина, освен кога ќе секне мотивираноста од другиот вид, па тогаш ќе застанат до вас како досегашни невидливи ангели чувари и дамнешни поддржувачи на вашиот „лик, збор и понекогаш и дело“, со насмевка од свои до комшиските уши, за да види светот дека постојат.
Ова мое кратко обраќање, патетично, според поранешните обраќања, и уште попатетично за нечии чувствителни очи, е посветено на сите што не наоѓаат сила и храброст да се изразат јавно и да се обратат кон секој еден што мислат дека треба. Знаете, за парче леб никој не умрел. Ама се умира по малку секој ден кога се премолчува вистината.
Бидете досадни и патетични. Како што сум јас, секој ден, а посебно денес.