Можеби насловот ве збуни, но, ако е така, драго ми е. И мене ме вознемирува помислата да гласам за најнеспособниот човек во историјата на градоначалници во светот, човек кој е потрчко на власта и гарнитурата која десет години ни го уништуваше градот, земјата, ги ограби парите и достоинството на луѓето.
Се смеам и ме тера на плачење кога ќе се сетам кога Коце, во жолти гумени чизми, се преправаше дека помага во поплавите под стоковна куќа Мост… Таа кобна ноќ, 22 невини граѓанки и граѓани ги загубија своите животи во невремето. Како ураганот Харви да го погодил Скопје…
Се сеќавам кога се преправаше дека оди со автобус на работа, а службеното возило стигна пред него. И тоа го забележавме, да! Паметам кога ги исече сите дрвја, паметам кога фрли една кофа риби во Вардар, кој не е исчистен со децении.
Повеќе не сакам да елаборирам за неговиот тотален неуспех како градоначалник, но и за сите злодела на паднатата власт… Затоа што, ако има таков што до сега не ги знае напамет, не е човек кој погледнал подалеку од својот нос. Од друга страна, моменталната владејачка партија… Разбирам, 3 месеци е на власт, разбирам дека цела декада е во сенка, слаба и повредена… Испаѓа дека, според владата, сега треба да бидеме нежни и внимателни, но ова не е играчка, туку треба да е метропола. Скопје е град каде реално 70% од граѓанките и граѓаните на Македонија живеат и заработуваат, издржуваат семејства и градат животи.
Сашо Орданоски во својата колумна за ЦИВИЛ Медиа вели: “На пример, мене не ми влегува во глава како може таков партиско-политички механизам како СДСМ, на само неколку недели пред изборите, да не знае кој им е кандидатот за градоначалник на Скопје?! Па, таа личност би требало да се знае барем со месеци, ако не и со години однапред, особено за партија која никогаш, од осамостојувањето до денес, не владеела со главниот град во државата (или можеби токму поради тоа)!“
Се согласувам со ова комплетно! Како млад човек, цел живот гледам како градот каде израснав се уништува пред мои очи. Се сеќавам на минати години, на прошетките со моите родители низ градот, под сенките на дрвјата кои ги исече власта и кои никогаш повеќе нема да го зазеленуваат овој наш дом – сето тоа ме облева со тага и сомнеж за иднината, додека панорамското ткало и безброј други проекти на минатата власт од Скопје 2014 продолжуваат со изградва во 2017. Што можам јас да очекувам како гласач, државјанин на оваа и ваква Македонија?