Министерството за култура денеска ќе одржи јавна презентација на нацрт-стратегијата за културен развој на Република Македонија за 2018 – 2022 година и на нацрт-акцискиот план за 2018 година.
На презентацијата, што ќе се одржи во Музејот на современи уметности во Скопје, ќе се обрати министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а ќе говорат и претставници на партнерските организации ФООМ и УСАИД – Проект за граѓанско учество, кои го поддржаа процесот на подготовка на стратегијата и организирањето на јавните расправи низ цела Македонија.
За резултатите и предлозите што произлегоа од јавните расправи ќе говорат претставници на граѓанските организации ЈАДРО и КУЛТ-Транзен, коишто ги организираа овие средби и придонесоа за консолидирање на предложените стратешки документи. Посебниот советник за култура, Златко Теодосиевски ќе ги претстави клучните поенти од нацрт-стратегијата за развој на културата 2018-2022 и нацрт-акцискиот план за 2018 година, по што ќе следува дискусија со присутните.
Документите се подготвени од Работната група формирана во Министерството за култура и во нив се вклучени прифатените предлози од првиот и вториот круг на јавната расправа по текстот, како и предлозите испратени од засегнатите страни на официјалната е -адреса на Работната група за стратегијата [email protected].
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.