УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Како и да е, политичкиот циркус заврши. Со 59, 60, 61 или 63 пратеника Заев, и понатаму ќе си владее и покрај тоа што веќе беше заминат во историјата по неговата избрзана и непотребно дадена изјава. Мицковски и Села требаше да покажат само малку повеќе трпение и политички сенс, и да не подлегнуваат на едногодишната „мнозинска фатаморгана“ на пратеникот Николовски и да имаа барем мала резерва кон брзите потписи ставени на бел лист хартија..читајте во новата колумна на Јове Кекеновски „ По поминати 30 години време е за длабок и болен рез, дури и со тап скалпел “.
Идејата активно да учествувам во изборниот процес како попишувач беше дочекана од семејството со негодување со оглед на пандемијата, мојата возраст и особено здравствената состојба, но сепак, човечката а пред се професионалната љубопитност како ќе се одвива овој многу битен општествен процес од кој бегаа скоро сите власти во последниве три децении како ѓавол од крст, задоволството што го предизвикува чувството да се биде општествено корисен и во овие поодминати години а и подобрувањето на семејниот буџет не беше за потценување беа аргументи кои беа едноставно посилни од можните опасности, па така се одлучив да го прифатам овој предизвик и веднаш да кажам дека не погрешив, напротив, прочитајте повеќе за пописот од „ Впечатоците на еден попишувач “ во 10:00 часот
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
ВАЖНИ НАЈАВИ И АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ
МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
НАСТАНИ
ПОСЕТА : Австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Линхарт ќе биде пречекан од неговиот домаќин шефот на дипломатијата Бујар Османи со кого ќе има тет-а-тет средба, по што ќе следи пленарен состанок на двете делегации.
Според најавите, во фокус на разговорите на средбите се очекува да бидат севкупните билатерални политички и економско-трговски односи меѓу двете земји, како и европската перспектива на земјава, со посебен акцент на очекувањата од претстојниот декемвриски Самит на Европската Унија.
Во рамки на официјалната посета на земјава, Линхарт ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
ПОСЕТА: Полскиот претседателот Анджеј Дуда денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на земјава, во чии рамки ќе има средба со неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.
Како што соопшти Кабинетот на полскиот претседател, Дуда утре ќе биде пречекан со највисоки државнички почести од претседателот Пендаровски во Вила Водно, каде ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори на делегациите на двете земји. Двајцата претседатели по средбите ќе одржат заедничка прес-конференција.
Дуда и Пендаровски истиот ден ќе се обратат и на отворањето на Полско-македонскиот економски форум што ќе се одржи во хотелот Мериот во Скопје.
САМИТ: Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе го отвори десеттото јубилејно издание на Самитот на организацијата Македонија2025, кој ќе се одржи во хотелот „Мериот“ во Скопје, најавија организаторите на собирот.
Централна тема на годинешниот Самит ќе биде дигитализацијата, а на него ќе се обратат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров.
Годинешниот Самит е организиран преку пет панели и едно главно интервју, при што 28 говорници ќе говорат пред 100 гости во хотелот „Мериот“ и онлајн публика од околу 300 гости.
Дел од говорниците на Самитот ќе бидат и Марсело Клауре, главен извршен директор на SoftBank Group International, кој ќе има интервју со Мајк Зафировски, како и амбасадорка на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј.
СУДСТВО: Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИ), денеска ќе ја презентира Функционалната анализа на основните судови и Планот за подобрување на работата и условите во основните судови во Република Северна Македонија.
Анализата е еден од главните резултати на проектот „Вградување на аналитички и мониторинг алатки за поддршка на реформите во правосудството на Република Северна Македонија“, поддржан од Британската амбасада во Скопје. Свој говор на настанот ќе има и министерот за правда Бојан Маричиќ, вклучително и судии и универзитетски професори.
ПЛАТФОРМА: Вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши ќе учествуваат и ќе се обратат на отворањето на „Првиот Самит на Националната платформа за женско претриемништво“ со наслов „Нови перспективи на женското претриемништво“, кој ќе се одржува во хотелот „Александар Палас“, а ќе започне во 10:00 часот.
КУЛТУРА: Со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ вечерва почнува 46-тото издание на Младиот отворен театар (МОТ). Станува збор за екпериментална претстава на Битеф театарот инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност, а ќе се прикажува во просториите на МНТ.
Како што најавија од тимот на МКЦ, фестивалот ќе се одржи во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со изведби во живо, односно со целосно физичко издание, и со програма од 26 внимателно селектирани претстави.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија денеска го одбележуваат Светскиот ден на филозофијата.
Оваа година централен настан ќе биде симпозиумот на тема: „Филозофската мисла во Македонија“, на кој ќе земат учество единаесет реномирани филозофи, професори и истражувачи.
АКЦИЈА: Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска во „Рајскиот Парк“ Лисиче во Аеродром ќе организира акција за засадување дрвца за оддавање почит и сеќавање на лицата кои ги изгубија животите во сообраќајни несреќи на патиштата низ земјава.
Во рамки на акцијата, која ќе ја реализира раководството и советниците на РСБСП, ќе бидат засадени 125 дрвца, колку што изнесува бројот на загинати во сообраќајни несреќи минатата година.
Акцијата се организира во рамки на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди, што на иницијатива на Светската здравствена организација СЗО се одбележува секоја трета недела од месец ноември.
Цел на овој настан е оддавање на почит на загинатите лица во сообраќајни незгоди и подигање на свеста за последиците од сообраќајните незгоди и согласно тоа, РСБСП секоја година организира активности за одбележување на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди.
СОСТАНОК: По повод проектот „Грижи се“, кој е поддржан од меѓународната програма на австриското Сојузно министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите и кој обезбедува директна поддршка на најранливите категории во справување со влијанието на кризата, предизвикана од пандемијата од Ковид-19, денеска на платформата Зум ќе биде одржан иницијален состанок.
– Главен акцент е ставен на ромската популација, бездомниците, жените и лицата во социјален ризик во земјите од Западен Балкан. Проектот е на регионално ниво, и во него се вклучени четири земји, меѓу кои е и РС Македонија. Во нашата држава, проектот го имплементираат Хуманитарно добротворната фондација МАКЕДОНСКИ КАРИТАС – Скопје, Асоцијацијата за Демократски развој на Ромите СОНЦЕ – Тетово и Здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци ЉУБЕЗНОСТ – Скопје, соопштија организаторите.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев