• Latest
Добро утро со Орданоски

Белешки за очекуваното вето на Бугарија против С. Македонија

November 23, 2020
Фотомонтажа од скриншотови од Тиме.мк и сајтови, и објава на Генералштабот на украинските вооружени сили на Фејсбук

Мониторинг на ЦИВИЛ: Манипулативни наслови од руската пропагандна кујна во дел од македонските медиуми

August 27, 2025

24 ЧАСА: Запрена постапката за преземање на Стопанска банка Битола, два дена по анализата на ЦИВИЛ; Муцунски бара гаранции од ЕУ за уставните измени; НАТО бомбардери пресретнаа руски шпионски авион

August 27, 2025
Фото: nis.rs

САД повторно ги одложија санкциите против српската нафтена компанија НИС

August 27, 2025

РЕАКЦИИ: Граѓаните за кампањите на партиите и независните – на овие избори нека се мери разумот, а не лажните ветувања

August 27, 2025

Филипче: Во првиот круг од локалните избори СДСМ оди со сегашната коалиција, а во вториот и со партии од албанскиот блок

August 27, 2025
Илустрација ВИ

Хибридни закани – „тивката“ војна за гласови, што е што во изборен контекст

August 27, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за тврдењето на власта дека народот живее побогато од порано?

August 27, 2025
Илустрација: CIVIL Media / AI (OpenAI DALL·E)

Запрена постапката за преземање на Стопанска банка Битола од Алта Груп, два дена по анализата објавена на медиумската платформа на ЦИВИЛ

August 27, 2025

ДЗР: Немањето Закон за климатска акција негативно влијае во институционалната координација за справување со климатските промени

August 27, 2025
Фотгорафија: Независни заедно

„Независни заедно“ го промовираа Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ за кандидат за градоначалник на Град Скопје

August 27, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Белешки за очекуваното вето на Бугарија против С. Македонија

November 23, 2020 07:34
in ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Дозволете ми денеска да направам еден редок преседан: на местото на мојата колумна, да ви го пренесам текстот на д-р Станимир Панајотов од Софија, кој е постдокторант во Центарот за академски истражувања во Софија и визитинг професор во Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје. Не сум имал чест лично да го запознам г. Панајотов, но тој е еден од многуте интелектуалци во Бугарија кои деновиве јавно излегоа со критики за политиката на својата влада во врска со ветото за Република Северна Македонија.

Јас ништо попаметно не би можел да напишам од ова што го кажува д-р Панајотов. Текстот е малку подолг за вообичаениот простор на моите колумни, но доколку имате трпение да го прочитате до крај, нема да зажалите за потрошеното време! Повелете…

пишува: Станимир Панајотов / 18.11.2020, Софија

Еве еден мој обид за аналитички белешки во однос на очекуваното вето против С. Македонија од наша страна. Ги следам внимателно интервјуата, позициите, текстовите и тука намерно се обидувам да искажам неискажани или ретко кажувани тези/размисли, без да ги пренебрегнувам другите моќни анализи и позиции.

За Бугарија:

Целата работа има внатрешно-политичко потекло, таа е насочена за домашна употреба, надворешно-политичкиот инструмент – ветото – навистина е „инструмент“, но тој ги доведува во заблуда сите со својот „ефект“ и, на крајот, С. Македонија е најмалку интересниот и важен елемент.

Како и во секоја историска фантазија, главниот лик е раскажувачот! Практично, тука „надворешната политика“, едноставно, е последица на домашни фантазии и оргазми, кои имаат битова-претшколска основа. Ветото е надворешно-политичка последица на внатрешно-политичка несигурност, изродена од типичното за Бугаринот вљубување во позицијата на историски губитник. Златомир Златанов на едно место вели: „Бугаринот се гордее со истетовираните историски рани“. Од тие тетоважи владата денес сака да направи фреска.

Значи, не станува збор само за тоа дека ни претстојат избори. Овој избор на Бугарија е направен, но не толку одамна. Тој има корен во живковизмот и нашата историска школа, во голема мерка поврзана со Александар Брмов во Институтот за историја на БАН. Тука повторувам многумина, но важно е да се каже дека за разлика од целиот ГЕРБерски (но и универзален за бугарската транзиција) антикомунизам, очигледно е невозможно да се разделиме само со комунистичкото трансисториско лудило на историографијата. Тоа е историско училиште не постаро од две генерации, старо приближно 60 години. Ова е занемарливо краток период на историографски заблуди и фантазми, ако размислуваме за историски корекции и општи компромиси. Не случајно Бугарската академија на науките толку жестоко брани една псевдо-палеоархеолошка позиција за јазикот; не случајно, ТАА книга на БАН беше веројатно првиот бестселер на оваа институција од почетокот на транзицијата (ја видов со свои очи во рангирањето на една онлајн книжарница). Свртувањето кон националистичката историја на Живков е, едноставно, одраз на растечкиот етнокомпензаторски неуспех на политиката на „социјализмот во една земја“ од времето на СССР – тоа не е многу сложено! Во практика, денешното вето е далечен одраз на политиката на социјализмот во една земја. Захариева и нејзиниот тим, претседателот, премиерот и сите тие, всушност, ја бранат токму оваа политика преку ова елитно вето, неразбирливо за светот. Но, никој нема да седне да ја проучува оваа генеза, и така треба во еден нормален свет на политиката.

Оптимизмот дека „ова не е бугарска позиција“ – една позиција која навистина сака да нè отсрами, позиција што сугерира дека постои едно „тивко мнозинство“ (либерално клише кое добронамерно се обидува да ја пренапише реалноста) – е прилично измислена, неодржлива и посакувана. Напротив, тоа е токму бугарскаТА позиција а приори – има едно тивко (бугарско) малцинство, кое медиумите со сите сили го замолчуваат (ова се виде синоќа [17.11.2020] на „Референдум“ на БНТ, но тоа е јасно многу месеци, а за некои од нас – со години). Јас самиот не се сметам за тивок, но тоа, се разбира, нема никаква важност.

Захариева самата ќе се претвори во смеурија на Борисов – како што знаеме, тој е безкичмест, црна политичка дупка, и секој станува жртва на неговото скршено нишало. Релативно наскоро компромис ќе се најде, никој нема да биде среќен од него, но многу брзо Захариева ќе згасне од небото украсено со етикети како „железна лејди“ – тоа ќе биде шега, а не ГЕРБерско кредо.

Борисов најверојатно се приготвува за фин излез од политиката следната година и нема да сака да биде запаметен како разединител на интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, откако (без никаква основа) се обиде да стане лидер во оваа насока за време на претседателството со ЕУ во 2017 година. Токму затоа, дури и без голем притисок од Германија и ЕУ, тој ќе сака да го пренапише своето наследство и ќе ја фрли Захариева на буништето на историјата.

Каракачанов и компанијата се во креативна паника: ВМРО за прв пат од 1990 година, откако се здоби со имот на софиската улица „Пиротска“, имаат шанса да ги изнесат муабетите од канцеларијата, на најгорниот кат на меѓународна сцена. Се разбира, ова бара одредена маалска дрскост, а во оваа канцеларија го има претежно токму тоа. Сепак, ќе се осмелам да шпекулирам дека меѓуинституционалниот консензус во корист на ветото не е придвижен од улицата „Пиротска“; тој е одгледан во историската епрувета на бугарското историско образование, консензусот не доаѓа само од уценувањето на Каракачанов кон коалицискиот партнер, тој е „органско“ и спонтано единство на, инаку, разновиден вид на национал-параноици.

Ова е идеалниот момент за вакво вето – состојбата во Унијата е толку страшна, што тоа го дозволува без никакви непосредни проблеми. Токму во моментов ЕУ, дури и претседателството на Германија, може сосем рамнодушно да го проголта овој дипломатски куриозитет токму како незабележителен каприц на дечињата што си играат во задниот двор на ЕУ. Да не спомнувам дека Захариева во одреден степен му прави услуга на Макрон. На крајот на краиштата, на кој голем политичар му е гајле за инфантилните преправања на политички недоносените луѓе, кога ЕУ е растргната меѓу превласта на Орбан, Качински и пандемијата? Во моментов, цената на блокираната интеграција на Западен Балкан е лесно исплатлива; Захариева и компанијата многу добро допреа до духот на времето, но едноставно не ќе има кој да го запамти нивното неосновано „херојство“ – едноставно затоа што тоа има вредност најмногу за необразованиот и самозаслепен бугарски национал-шовинизам.

Со други зборови, повторно – само за внатрешна употреба.

За Северна Македонија:

Македонците го истрпеа малтретирањето од Грција толку години, нас ли нема да не преживеат?! Овој процес веројатно нема да трае подолго од уште една бугарска влада. Дури и ако ова вето временски опстојува и ако ЕУ нема процедурални механизми за отстранување на Бугарија од процесот (во што се сомневам), ништо не ги спречува Македонците да продолжат самостојно да ги исполнуваат преговарачките поглавја според планот, за да можат да надоместат откако ќе отпадне бугарскиот фактор. А, тоа ќе се случи порано или подоцна или преку компромис, или без него. Историјата оди напред и во тој поглед (иронично наспроти посакуваниот ефект) еманципацијата на С. Македонија од нејзиното „бугарско минато“ и „заедничката историја“ ќе ја придвижи напред кон ЕУ со разуверениот менталитет на „поголеми светци и од папата“.

По само околу еден месец, веќе никој нема да се занимава со Бугарија во С. Македонија. Ние не сме и ќе продолжиме да не сме фактор во животот на Македонците, особено по ветото. Патем, ова ќе беше така дури и без ветото; вистината е дека во С. Македонија има релативно мало малцинство на луѓе свесно ориентирани кон Бугарија, чија снобовско-демографска карактеристика ги навестува нивните склоности кон една внимателна, но засега неефективна бугаро-интеграција.

Но, масовно движење кон „бугарофилија“ нема и нема да има, не само поради Коридорот 8, туку најмногу затоа што (еден пример) бугарските дипломати и културни аташеа во Скопје не зборуваат македонски – и немаат намера (и никогаш немаа) да го научат. И воопшто, очекувањето да има некаква „бугарофилија“ е повторно внатрешнополитичка фантазма – никој самосвесен човек не разбира како така, одеднаш, треба да почне да сака некого кој до неодамна не го познавал. (Впрочем, каков срам ме фаќаше во Скопје на настаните организирани од Бугарскиот културен центар, не можам да ви опишам. Патем – БКЦ има фантастична зграда, дури и библиотека, но никој не оди во неа – за разлика од македонскиот Културно-информативен центар во Софија, кој дури и во времето на Груевски имаше исклучително богата културна програма и постојана публика.)

Веројатно ќе има посилна интеграција и приближување помеѓу Албанија и С. Македонија, како ефект на отуѓувањето од наша страна. Но, тие и онака веќе се во „балкански Шенген“. Идејата за „голема Бугарија“ може најмногу да прерасне во „голем балкански Шенген“. ЕУ е во жална состојба и никој нема да чека ниту ЕУ или Бугарија да се соземат; ветото е шанса за С. Македонија да го разбие клишето дека балканската солидарност е секогаш и само инает на некој друг.

Таканаречените „пробугарски Македонци“ во Северна Македонија ќе продолжат да бидат невидлива и срамежлива група. Тоа е донекаде тажно, но, всушност, радикално не би се променило дури и при друг тек на работите. Семејните приказни и „бугарофилијата од уста на уста“ се дел од менталниот живот на значителен дел од Македонците, да, но овој сентимент никогаш нема да се трансформира во политички или социо-културен естаблишмент и тоа е нормално. Дури и во најоптимистичкото сценарио, бугарската самосвест за еден Македонец значи, едноставно, алтернативна форма на македонски патриотизам [на бугарски – родолюбие], а не, како што замислува Каракачанов, несопирлива анексија и создавање на Голема Бугарија. А потоа „Западните покраини“ нека му мислат.

За разлика од пост-транзициската шизофренија на бугарската историска наука, во С. Македонија југословенското наследство ја поддржува словенската самосвест и етногенеза. Дури и забавниот парк на Груевски „Скопје 2014“ и збратимувањето со Хунзите не успеаја да го избришат генералниот научен (научен, а не популистички) консензус за општословенските одлики на македонското потекло. Но, сепак, врз кои основи ова бугарско вето се употребува како адут на бугарската историска наука, со оглед на тоа што веќе 30 години ние кај нас не можеме да се разбереме дали сме Персијци, Татари, Монголоиди, Хазаро-Аријци и тн.; како, во целата оваа плуралистичка турлитава од идентитети, во која Ави-Тохол и ТАНГРА ТанНакКра имаат иста тежина како учебниците на Министерството за образование и наука; како еден Бугарин, кој се смета себеси за политички нормален и историски образован, легитимно ќе застане зад барањата на нашата влада кон С. Македонија?

Искрено, да бев во позиција на просечен историски губитник кој ја поддржува Захариева, барем ќе се обидев да имам сопствена солидна етногенетска теза. Барем да споделувавме заедничка словенска теза, а дури и тоа го немаме. Но, важно е да имаме „историски плурализам“, бидејќи инаку, како Бојко ќе ве спаси од комунизмот? Секој нека си биде Орфеј, Тангра и Атила индивидуално, важно е да нема комунизам и Тито!

Наследените социјалистички елити во Скопје не се вознемирени. Смирете се.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: БугаријаветоЕУСеверна МакедонијаСтанимир Панајотов
Share98Tweet62Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

    118 shares
    Share 47 Tweet 30
  • Разрешени и избрани нови членови на општински изборни комисии за Локалните избори 2025

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • МВР го уапси родителот кој го предизвика инцидентот во Штип, ФФМ, Шкупи и Брегалница го осудија – спортот не треба да биде арена за физички конфронтации

    92 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Јагода и вестите

    90 shares
    Share 36 Tweet 23
  • „Сé се тоа глупости“ – Трамп одговори на нападите на Русија врз легитимитетот на Зеленски, се закани со „економска војна“ со Москва

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ