Волонтерите од Центарот за интеркултурален развој (ЦИР) денеска, со почеток во 17 часот, на Градскиот плоштад во Куманово организираат настан „Бегалци и книги“.
Според ЦИР, моментално во прифатниот центар во Табановце се сместени околу 100 бегалци. Волонтерите ги повикуваат граѓанките и граѓаните да се запознаат и да научат повеќе за бегалската ситуација во Табановце, но и во Македонија, преку изложбата на фотографии снимени од децата-бегалци во Табановце. Волонтерите повикуваат на солидарност, со донирање на книги, пред сè, на арапски и англиски јазик, но добредојдени се книги на останатите јазици.
Нанастанот присутните ќе може да споделат свои мислења и ставови за бегалската криза со волонтерите и да испратат своја порака до јавноста.
Настанот е дел од активностите на проектот „Волонтирање за вклученост и толеранција“, дел од програмата „Еразмус +“, поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, а финансиран од Европската комисија.