Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) одбележа 11 години од своето постоење. Најмладиот државен универзитет во земјава, а според Шангајската листа е втор на листата по квалитетот и условите кои ги дава на студентите. Првиот ректор, Саша Митрев ги постави темелите на оваа институција, вториот ректор на УГД-Штип е Блажо Боев, на кого предзвик му е студентите да имаат квалитетно образование.
Господине Боев на 27 март одбележавте 11 години од формирањето на Универзитетот. Според вас кој е најголемиот успех досега на УГД-Штип?
За успехот на некој секогаш треба да зборуваат другите. Јас сум од оние генерации на професори кои сметаат дека човекот треба да тежнее кон вредности, а не кон успех. Оттука, Универзитетите се институции на највисоките човекови вредности, а најмногу од тие вредности треба да се промовира вистината. Затоа, сметам дека во изминатите 11 години покажавме како институција сериозност и посветеност, покажавме капацитет дека можеме како генерација да создадеме институција која има сериозен национален и интернационален академски капацитет кој понатаму треба да се развива, а новите генерации уште посилно да го подигнат нивото на институцијата.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е на картата на европските универзитети со две реални надворешни евалуации од Европската асоцијација на Универзитети и следствено на тоа, станува признат на национално и интернационално ниво по квалитетот на наставата, моделот на образование и бројните научни истражувања. Ова самото докажува дека Универзитетот во релативно краток временски период дојде до пресвртна точка во која институцијата од локално призната и корисна преоѓа во институција препозната како институција во еден многу поширок контекст. Ете може тоа е најголемиот сигурен показател за оваа институција во овие 11 години.
Како ректор потенцирате дека заложба ви е да се понуди поголем квалитет во студирањето. Почнаа ли промените, односно реформите кои ги најавуваат?
Квалитетот нема алтернатива. Тоа е единствениот пат за Универзитетот. Знаете имам впечаток дека во нашето општество веќе предолго време се плашиме да ги мериме и покажуваме реалните, вистинските резултати. И тоа е присутно во сите сектори. Потребата од нова култура на квалитет ни е потребна на сите. Образованието и науката во изминатите години се со многу предизвици, некои се субјективни некои објективни. Јас како ректор се обидов да се посветам на ова прашање, кое не е едноставно и кое бара многу време, напорна работа и тимски дух. Во мојата програма посветив посебно внимание на делот квалитет со основање на центар за развој на кариерата на вработените преку кој Универзитетот ќе подготвува обуки на вработените. Акцентот и фокусот се на квалитетот на наставата и поддршка на универзитетските професори, со единствена цел одржлив и социјално одговорен развој на универзитетот. Тоа е и во согласност со коминикето од Ереван, каде најголем акцент се става на квалитетот на образованието и важноста на наставата и учењето. Центарот веќе ги подготвува првите организирани настани, обуки, работилници на теми, кои им се потребни на вработените и студентите за нивната работа и студирање. Јас сум убеден дека ќе придонесеме за севкупниот развој на вработените и студентите, проследено со визијата на УГД ќе придонесеме за зголемување на квалитетот на академската култура.
Сакате да им ја доближите науката на студентите, веќе тоа и го правите преку непосредните предавања кои ги имаат универзитетските професори и академици. Дали успеавте во намерата, која што ја имавте?
Започнавме со проектот „Наука за живот“, тоа е концепт преку кој на Универзитетот ќе можете да ја слушнете мислата – каде оди светот во областа на науката, кои се тие големи вредности кои науката ги даде на нашето време, каде оди овој свет, каква е смислата на животот, кон што стремиме, каде сме се вдале – тоа се само дел од прашањата кои на свој начин ги поставуваат истакнати академски граѓани, професори, академици, бизнис заедницата, уметници, кои со свои инспиративни презентации се обидуваат науката да ја приближат до студентите и до јавноста. За науката на еден поинаков, популарен начин. Лично сметам дека преку вакви настани, Универзитетот „Гоце Делчев“ направи успешен обид да ја приближи науката до студентите, средношколците, бизнис заедницата и пошироката јавност. Тоа е предизвик за повторување и нови инспиративни и популарни говори за науката од професорите како на УГД така и од останатите образовни институции од државата.
Универзитетот „Гоце Делчев“ носи бенефит за градовите, каде што имате центри, а посебно на градот Штип. Но, и по 11 години во Штип не се реализира идејата на изградба на Студентски дом. Зошто и каде е закочен овој проект?
Ефектот од постоењето на УГД за градот Штип, но и за другите градови е огромна, од повеќе аспекти. Универзитетот е најдобрата работа што му се има случено на Штип и регионот. Мислам дека треба сите заедно да го задржиме развојот и да изградиме силно чувство на припадност кон институцијата во иднина, да се работи на зголемување на квалитетот во работата на секое ниво, но и да се зачуваме од синдромот на мала средина.
Студентскиот дом дефинитивно не треба да се очекува дека треба да го прави УГД. Тоа е премногу од финансиски аспект за УГД, тоа е прашање на соодветното Министерство, под кое е студентскиот стандард. Нашите сугестии се дека е потребен еден студентски комплекс со капацитет од околу 400 легла, меѓу кои и за постдипломци и странски студенти на местото кај поранешниот диспанзер, чие место е во сопственост на УГД.
Сметате ли дека универзитетите треба да имаат поголема соработка со стопанството, кои бараат квалитетен кадар, кој со своето знаење без проблеми би се вклучил во реалниот сектор, но и иселувањето на младите е најголемиот проблем, според вас како овој процес треба да се спречи?
Денес во 21. век најуспешни се оние општества кои развиваат концепт на т.н. споделена одговорност. Тоа значи Универзитетите, стопанството и пошироката општествена заедница се заедно во креирањето на образовните политики и стандарди на студирање и работа. Тие си се потребни еден на друг и зависат еден од друг. Се повеќе доминира концептот две години на универзитет, две години во индустрија. Но, значи и поинаков однос едни кон други, зголемена проактивност, зголемена финансиска поддршка, стипендирање на младите и добивање финансии уште додека се на пракса и уште многу други моменти, за кои сметам дека е време да се промовираат и развиваат.
Во таа насока е и еден од факторите за задржување на младите во државата. Интересот е таму, каде што е добриот резултат. Затоа е потребна стратегија, која во краток временски период ќе успее да ги задржи и мотивира младите од земјата да останат и да ја развиваат оваа земја, која се наоѓа пред многу предизвици. Потребна е една млада вистинска енергија за пресвртница, која ни е толку потребна. Верувам и го гледам тоа во нашите студенти.
Викторија Димитрова-Јованова за МИА