„Еве само за споредба ако пред десетина години капиталните инвестиции изнесувале не повеќе од 270 милиони евра, минатата 2022 година имавме рекорд, и тие изнесуваа 465 милиони евра, а само сега годинава до септември веќе надминуваме 440 милиони евра“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на трибината „Ние сме Европа“ во Штип.
Тој додаде дека тоа се факти кои говорат за тоа кој работел за реализација и изградба на државата.
„Е тоа е нашиот влог за европската перспектива, тоа е нашата борба за да ги задржиме младите во земјата, да создадеме услови за повисоки плати, за подобар животен стандард“, истакна Бочварски.
Министерот додаде дека членството во ЕУ ни е потребно за да не бидеме изолирани, да го отвориме пазарот на преку 500 милиони потрошувачи, за да се отворат фондови за неповратни средства за развој на македонските компании.
„Недозволиво е нашите транспортери половина од времето да возат, а половина да стојат по граници, затоа потребни ни се отворени граници и затоа нашето место е во ЕУ“, рече Бочварски.