ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
РЕФЕРИРАЊЕ: Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе го информира врховниот командат на вооружените сили и претседател на државата Стево Пендаровски за борбената готовност на Армијата во тековната 2021 година.
На брифингот за борбената готовност најавено е присуство и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и членови од Кабинетот на претседателот.
КОМИСИЈА: Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Единствена точка на дневниот ред е јавната расправа на тема „Предлог-стратегија за родова еднаквост 2021-2026“.
Предвидени се обраќања на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Гордана Сиљановска–Давкова, Ивона Пауновиќ-Бишевац од Канцеларијата на телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Светлана Цветковска од Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика.
Стратегијата за родова еднаквост се донесува за период од шест години и е четвртиот стратешки документ во оваа област. Со стратегијата се воспоставува сеопфатна рамка со активности за унапредување на родовата еднаквост и унапредување на статусот на жените.
ПРОМОЦИЈА: Промоција на изданието „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ документи и анализи од д-р Бранислав Светозаревиќ Покорни ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба во Скопје.
Авторот, додаваат организаторите, во текот на подготовката на трудот соработувал со научници од повеќе области со појдовен мотив истиот да претставува одговор на оспорувањата на идентитетските права на македонскиот народ од страна на научните установи на некои држави во соседството.
– Идентитетските права на народите се суверени права заштитени од сите меѓународни организации и ги опфаќаат постулатите врз кои се засноваат и Европската Унија, Организацијата на Обединетите нации и НАТО, се вели во соопштението.
НАГРАДА: Свеченост по повод доделување на големата годишна награда за 2021 година за реализирано дело од областа на архитектурата, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, ќе се одржи денеска во Музејот на Град Скопје.
Ова македонско признание за архитектонско достигнување, традиционално и со сите почести се доделува секоја година и претставува афирмација на архитектурата во нашата земја.
– По пат на јавен повик се пријавуваат авторски дела – реализирани архитектонски објекти, од кои стручна Комисија врши селекција и најдоброто дело, кое отсликува квалитетно архитектонско творештво го одбира како првонаградено. Победникот ќе биде прогласен на денешниот настан, соопшти ААМ.
ВЕБИНАР: Како да се стигне до добро буџетирање и управување со побарувањата, кешот и ликвидноста, зошто е важна финансиската дисциплина за македонските компании, кои процеси се ефикасни за управување со обврските и долговите во бизнис секторот, кои се клучните индикатори за анализа на финансискoто здравје на компаниите и што промени пандемија од Ковид-19 во работата на бизнис секторот, се темите и прашањата на кои ќе се даде одговор на онлајн вебинарот за одржлив финансиски концепт.
Вебинарот кој е во организација на Бизнис конфедерација на Македонија ќе се одржи денеска преку Зум платформата.
Како што посочуваат организаторите, вебинарот е наменет за сопствениците, менаџерите и управителите на микро, малите, средните и големите компании.
Предавањата на вебинарот ќе бидат реализирани од страна на искусни професионалци и експерти од деловното работење Борче Треновски, професор на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Златко Поповски од компанијата Ролсофт.
Овој вебинар е реализиран со поддршка од проектот на Меѓународната организација на трудот, „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија.
ЗБОРНИК: По повод стогодишнината од раѓањето на великанот на современата македонска култура Блаже Конески вечер во Струмица ќе биде одржана промоција на Зборникот „ Уште едно навраќање кон Конески“, кој го приредија проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист и Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти.
Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“, чиј издавач е Општина Струмица, всушност е своевидно продолжение на претходниот „Навраќање кон Конески“ што го приредија Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, со кој Општина Куманово во мај годинава ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Конески.
КУЛТУРА: Под мотото „Каде бајките оживуваат“ ќе се одржи 12. издание на Меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје Фест“. На Фестивалот ќе бидат прикажани 25 анимирани филмови во официјалната програма и девет анимирани филмови наменети за детската публика.
Голем дел од филмовите кои се борат за „Златната тула“ се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма почнува во 20 часот, а проекцијата на филмови за деца ќе се одржи утре со почеток од 17 часот кога публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца.
„Анимакс Скопје Фест“ е прв фестивал на анимиран филм во земјава. Целта е да се подигне свеста и културата за анимираните филмови за возрасни и деца. Фестивалот го организира продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје и Кинотека на Македонија и со поддршка од Град Скопје.
Фестивалот ќе се одржи во Кинотеката, а проекциите се бесплатни.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев