Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека преговорите за мнозинство и за влада се одвиваат добро, а колку помалку се зборува, толку се поголеми шансите за успех. Борисов додаде дека откако ќе се подготви основната рамка за програмата, во разговорите ќе биде вклучена и ИТН.
Како што пренесува Слободен печат, според лидерот на ГЕРБ, Бугарија е должна да успее да формира редовна влада поради меѓународната ситуација.
Борисов објави и дека вчера разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и при разговорот станало јасно дека во последните 2-3 години и во ЕУ и во НАТО има процеси кои се однесуваат на Република Северна Македонија, кои се развиваат без учество на Бугарија, од што земјата трпи загуби.
Борисов коментира и дека Асен Василев и Дељан Пеевски го спречуваат формирањето на редовна влада.
Од почетокот на неделата преговарачкиот тим на ГЕРБ-СДС води разговори за изнаоѓање мнозинство.