„Кога ќе биде направена и обезбедена самата алатка, преку неа можно е да се направи и електронски попис, но таа не исклучува спроведување попис на населението во неговата стандардизирана форма“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата за Регистарот на население, кој според Бошњаковски, има сосем друга намена и не е замена за попис. Проектот е во изработка и сѐ уште не е функционален…
„Алатката во идно време, кога ќе биде целосно функционална, дали државата ќе одлучи да ја користи, како еден вид потврда на пописните резултати – е прашање за кое што ќе се разговара во иднина“, потенцира Бошњаковски.
Централниот електронски регистар на население, треба да ги содржи следните полиња за населението во Република Македонија: име, презиме, јазик, ЕМБГ, пол, датум на раѓање, место на раѓање (држава, општина, населено место), лични документи (листа на документи со податоци за број, вид, датум на издавање, датум на важност, статус, место на издавање), мајка (ЕМБГ), татко (ЕМБГ), адреса на живеалиште (општина, населено место, улица, број (број, влез, стан), адреса на привремен престој (општина, населено место, улица, број (број, влез, стан), државјанство (држава, статус, датум на почеток, датум на престанок), брачен статус, датум на брачен статус, сопруг/а (ЕМБГ), националност, смрт, датум на смрт, место на смрт (држава, општина, населено место).
На вчерашната седница, Владата ги задолжи министерствата за внатрешни работи, за правда (Управата за водење на матичните книги) и за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика и им укажа на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, најдоцна во рок од седум дена од денот на усвојување на информацијата, да номинираат член и заменик член во работна група за изготвување на Нацрт-закон за Закон за централен електронски регистар на население и Нацрт-закон за Закон за електронски услуги.
За реализација на овој проект, Владата ги задолжи министерствата за информатичко општество и администрација и за внатрешни работи, до 5 октомври 2017, да усогласат акциски план за спроведување на проектот „Регистар на население“.