„Ќе овозможиме бесплатен здрав оброк за сите ученици од прво до петто одделение во сите општини каде ќе победи градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и мнозинство во советот ќе има ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски и остана жив!
Што, останатите деца, кои живеат во општини каде нема да победи ВМРО – ДПМНЕ се помалку деца од другите?
Една од причините поради коишто оваа изјава ќе остане само празно ветување е фактот што ниту една локална власт не може да го промени начинот на исхрана на децата во училиште се додека не се промени законот за набавка според кој се избира понудата со најниска цена. Па оттука е парадоксално е да зборуваме за две дијаметрално спротивни нешта, ако знаеме дека здравата храна не оди рака под рака со најевтината понуда.
Второ, до кога бре ќе го лажете народот дека му давате нешто бесплатно? Или пак навистина овој пат оброкот на секое дете на кое му пишува ВМРО-ДПМНЕ на челото ќе го плаќате од сопствениот џеб? Жими мајка! Исто како што кинеските автобуси се донација од тогашната ни влада, а не од буџетот кој го полнат граѓаните!
Трето, еве да речеме, ќе одвоите средства од буџетот и ќе ги пренамените за исхрана на децата. Сè некако знам која фирма ќе го добие тендерот! Истата онаа која што го добива во најголемиот дел од училиштата, изминативе години, кога без исклучок, последна, магично ќе ја достави понудата со најниска цена! Онаа со која склучувате договори далеку од очите на јавноста и лицата кои се одговорни и избрани од советот на родители, токму за таа намена. Но тоа не мора ни да ви се кажува бидејќи вие добро го знаете. Знаете и вие нели?