Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу изјави дека неговата земја ја поддржува мировната формула понудена од Украина за ставање крај на војната.
„Русија изјавува дека сега е подготвена за преговори. Претседателот на Украина Володимир Зеленски предложи мировен план од 10 точки. Ние, Туркије, го поддржуваме овој план и продолжуваме со нашата работа“, рече Чавушоглу на прес-конференција, пренесува Укринформ, повикувајќи се на Анадолу.
Шефот на дипломатијата додаде дека Турција вложува големи напори да стави крај на војната и дека соработува со двете страни: Украина и Русија.
„Се разбира, нашата цел е траен мир и взаемно прифатливо решение. Веруваме дека оваа војна ќе заврши на преговарачката маса. Колку побрзо, толку подобро“, рече тој.
Во обраќањето пред учесниците на самитот на Г-20 на 15 ноември, претседателот Володимир Зеленски предложи формула за мир и наведе 10 задолжителни услови за завршување на војната во Украина. Тој особено ги спомена радијацијата, нуклеарната енергија, храната и енергетската безбедност, ослободувањето на сите затвореници и депортирани, спроведувањето на Повелбата на ОН и враќањето на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок, повлекувањето на руските трупи и прекинот на непријателствата, реставрацијата на правдата, борбата против екоцидот, спречување на ескалација, консолидација на крајот на војната.
Подготви: Д. Мишев