Честито нова влада! Ова го напишав во Фејсбук пост на 22 февруари. Со задоцнување од 100 дена, можеме уште еднаш да честитаме нова влада. Влада можеше (мораше) да се формира уште тогаш, но ја кочеа токму оние што сега окупираат голем дел од неа.
Во овие 100 дена се нагледавме и доживеавме сешто. Уште еднаш го видовме грдото лице на организираниот криминал и бескрупулозните узурпатори во уште една гнасна акција. Доживеавме терористички напад на Собранието и убиства во обид врз пратеници. Видовме како сторителите исшетаа од судот, а нарачателите и организаторите држат агитпроп монолози по медиумите, кои капата благо ја накривија на другата страна.
ДУИ уште еднаш дрско ги испровоцира граѓан(к)ите. Уште еднаш ја уцени државата со своите огромни апетити за власт и понуди луѓе верни на грујо-послушникот Ахмети. Во таа партија има многу подобри кадровски решенија, експерти и чесни работници. Но, веројатно не му се доволно верни на Ахмети. Како ли ќе помине на локалните избори, по сите проѕирни политички трикови?
И СДСМ изненади со отсуството на креативност во делот од владата во која контролата не ја наметна ДУИ. Се чини како да ја презеде структурата на претходната, гломазна и неефикасна влада-лавиринт. Ваква каква што е, оваа влада е зрела за реконструкција веќе утре. Бидејќи (нели?), 100-те дена поминаа. Очигледно е дека новиот премиер Заев морал да направи премногу компромиси со апетити и интереси за кои не би смеело да има место во годините пред нас. Борецот, балканскиот Ганди (како што го нарече Героски, заслужено), сега е исправен пред уште една долга и компликувана борба. Сечилото на жедта на моќ никогаш не било поостро…
Да. Владата доцни 100 дена. Изборите не беа завршени половина година, што на новата влада ѝ остава шанса само уште 3 и пол години да поправи што е систематски уништувано 11 години, а не е направено 26 години. Со вемеро на колена, но не помалку опасно, со сите пари што ги украде, со Сварофски судиите и со сите свои пиони во албанските политички структури…
Живееме во лоша театарска претстава во која сите протагонисти се познати. Ние бевме и останавме публиката која одвај додржува да седи во своите места, од време на време скокаме од место и покажуваме на убиецот, но сенешто се случува и претставата, ниту продолжува, ниту завршува. А убиецот останува на сцената, недопирлив…
Текстот е личен став на Авторот.