Утре (сабота, 18 март) ќе се одржи хуманитарна трка за деца со Даунов синдром, во 11 часот во Градски парк, пред „Школка“. На трката која е отворена за сите хумани граѓанки и граѓани, ќе учествуваат и деца со Даунов синдром и нивните семејства. Трката по трети пат ја организира Мечувалечки клуб „Ескрим“, по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
„Со овој настан се цели подигање на свеста на јавноста за овие прекрасни личности, да се поттикнат и останатите спортски клубови да ги отворат вратите за децата со Даунов синдром, да ги вклучат во спортот и да им се обезбеди еднаков пристап до него, како и за другите деца. За децата со Даунов синдром спортот е од огромно значење, бидејќи со спортувањето ја развиваат моториката, координацијата, одржувањето на баланс и тонусот на мускулите. Сите овие работи се многу важни за нивниот понатамошен, самостоен живот. Со спортувањето добиваат уникатна социјализација, стекнуваат нови пријателства… Инклузијата како сегмент што се развива со помош на хуманитарната трка, дава исклучителни резултати во нивниот живот“, соопштуваат иницијаторите.
Заинтересираните можат да се пријават на http://www.smartrace.club/ или 30 минути пред почетокот на самата трка. Средствата собрани од овој настан ќе бидат наменети за едногодишно бесплатно спортување на децата.
Д. М.